• среда, 13 ноември 2024

Словачкиот суд му одреди притвор на атентаторот на премиерот Фицо

Словачкиот суд му одреди притвор на атентаторот на премиерот Фицо

Братислава, 18 мај 2024 (МИА) - Специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, со силно полициско обезбедување денеска му одреди притвор на 71-годишниот Словак Јурај Цинтула, кој на 15 мај во градот Хандлова со пет истрели го застрела премиерот Роберт Фицо и тешко го рани во стомакот.

Обвинителот побара притвор за осомничениот да не избега или да го повтори делото, а по сослушувањето судот не се согласи со писмените гаранции на Цинтула, ниту со предлогот тој да се брани додека е на слобода под надзор.

Цинтула го погоди премиерот со четири од пет куршуми кога тој им пријде на приврзаниците по владината седница во Хандлова, во централна Словачка, за да се подрави со нив.

Цинтула веднаш бил уапсен. Од полицијата до медиумите протече видео на кое тој вели дека пукал во премиерот затоа што не му се допаѓаат политиките на неговата влада поради промените во судството, обидот за контрола на јавниот сервис РТВ и прекинот на помошта за Украина.

Но, адвокатите предупредија дека признавањето на вината е спорно бидејќи веднаш по атентатот и апсењето бил сослушан во шок, без присуство на адвокат.

Министерот за внатрешни работи Матуш Шутај Ешток рече дека напаѓачот немал соучесници, дека е очигледно дека нападот врз премиерот е политички мотивиран и дека Цинтула најмалку еднаш присуствувал на демонстрациите против Владата во градот Долна Крупа. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан