• среда, 25 декември 2024

Следуваат оставки и избор на преодна Влада пред изборите за пратеници на 8 мај

Следуваат оставки и избор на преодна Влада пред изборите за пратеници на 8 мај

Скопје, 21 јануари 2024 (МИА) - Во неделава што следува ќе се одвиваат подготовките за техничката влада што треба да финишираат со гласање најдоцна во недела на 28 јануари. Тоа подразбира оставки на претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Димитар Ковачевски, избор на нов претседател на Собранието - Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ, како и верификација на нов мандат на пратеник на местото на Џафери и евентуално на други пратеници доколку некои од министрите или дополнителните заменици министри од ВМРО-ДПМНЕ дојдат од редовите во Собранието. Какви ќе бидат активностите, ќе се знае по утрешната редовната понеделничка координативна средба во Собранието, на која не присуствуваат ВМРО-ДПМНЕ и пратениците од Европскиот сојуз за промени.  

Џафери, според објавеното на веб страната на Собранието, на 23 јануари има закажано последна активност - официјална средба со Едуардс Борисовас, амбасадор на Република Литванија. На 24 и на 25 јануари во Собранието засега нема закажано никакви активности, додека за петок (26 јануари) е закажана новата 139. седница која до сега има само една точка на дневен ред и тоа Дополнет предлог на закон за употреба на македонскиот јазик - второ читање.

До крајот на неделата би се очекувала и оставката на Ковачевски.

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска имаше координативна средба со потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, координаторите на пратеничките

На 9 јануари, по одржаната прва координативна средба во Собранието, Кабинетот на Џафери соопшти дека од 22 до 28 јануари ќе се одвиваат формалните подготовки за техничката Влада во Собранието.

-Во периодот од 22 до 28 јануари на пленарна седници ќе се реализираат следниве процедури: констатирање на оставка на претседател на Влада и претседател на Собрание, избор на нов претседател на Собрание, информирање на претседателот на државата за доделување на мандат на нов претседател на Влада, избор на Влада, министри, заменици министри и дополнителни заменици министри, како и констатирање на престанок на мандат на пратеник и верификација на мандат на нов пратеник во Изборна единица 5. За сите активности и прецизни рокови ќе информираме навремено, посочија тогаш од Собранието.  

Од Кабинетот на Џафери тогаш исто така информираа дека седница за пратенички прашања нема да има до крајот на овој мандат на Собранието.

-Првата седница за пратенички прашања ќе се одржи по 100-те дена мандат на влада избрана на парламентарните избори, се наведува во информацијата од координативната средба.

На координациите со Џафери редовно не присуствуваат претставници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но тогаш не беа ни претставници на албанската опозиција, која најави бојкот на Собранието поради тоа што не е прифатен нивниот кандидат за член на Државната изборна комисија.

Премиерот Ковачевски во изјава за медиумите на 16 јануари прашан кога ќе поднесе оставка рече дека на крајот на идната недела, согласно законските рокови, ќе се одвива процедурата за избор на техничката влада. Соопшти дека за законските рокови за поднесување оставки, избор на нов претседател на Собранието и за избор на техничката влада дента имал состанок и разговарал со претседателот на Собранието Талат Џафери, кој треба 100 дена пред изборите да биде технички премиер, и со координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, кој е кандидат за претседател на Собранието додека трае техничката влада.

Се уште не се знае како кадровски ќе изгледа техничката Влада по изјавите на премиерот Ковачевски од викендов и најавата на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе гласа воздржано за техничката влада. 

-Местата кои со закон и следуваат на опозицијата во техничката влада треба да останат празни се додека ВМРО-ДПМНЕ не даде глас за таа влада, рече Ковачевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ и вчера информираа дека остануваат на ставот да не гласаат за техничкиот премиер. Најавија дека имињата на министрите и замениците министри ќе ги објават оваа недела. 

И од Демократската унија за интеграција, според најавите, нема да ги поддржат предлозите за министри во техничката влада кои доаѓаат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Вчера и Либерално-демократската партија излезе со сличен став.

Техничката влада нема да биде поддржана и од Демократскиот сојуз според кој парламентарното мнозинство треба да си обезбеди 61 пратеник и да ја изгласа техничката влада. Тоа, не е обврска на другите партии, уште помалку на опозицијата задолжително да гласа, вели лидерот на ДС, Павле Трајанов кој очекува да не се избере техничка влада, туку Владата во оставка да продолжи до крајот на својот мандат, односно до прогласување на изборните резултати. 

Техничката Влада се формира 100 дена пред одржување на парламентарните избори, што треба да се одржат на 8 мај. Претходно, на 24 април ќе се одржат претседателските избори. Мандатот на оваа Влада завршува со изборот на нова Влада. ев/бак/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан