• петок, 27 декември 2024

Следната седмица Грција започнува имунизација и со вакцината на Џонсон и Џонсон

Следната седмица Грција започнува имунизација и со вакцината на Џонсон и Џонсон
Атина, 12 април 2021 (МИА) – Во среда Грција ќе ја добие првата пратка од 33.600 дози од вакцината Џонсон и Џонсон, а од понеделник и оваа вакцина ќе биде вклучена во процесот на имунизација во земјата, во кој досега е постигнатата 14 отсто имунизациска покриеност со првата и седум проценти со втората доза, соопшти генералниот секретар на Министерството за здравство на Грција Мариос Темистоклеус, јави дописничката на МИА од Атина. На редовната прес конференција за операцијата „Слобода“, односно имунизацијата во земјата, Темистоклеус рече дека досега во Грција се спроведени 2.212.000 вакцинации, 1.428.000 граѓани ја примиле првата доза од вакцината (14 отсто), а 743.000 лица веќе се ревакцинирани, односно седум отсто имунизациска покриеност. Темистоклеус соопшти дека во петок ќе започне пријавувањето за вакцинација на лица од 18 до 59 годишна возраст со хронични болести, на 21 април, платформата ќе се отвори и за просветните работници и лицата на возраст од 55 до 59 години, а три дена подоцна и за оние од 50 до 54 години за да закажат термин за имунизација. Од саботата, пак започна пријавување за вакцинација на граѓани на возраст од 60 до 64 години. -Се надеваме дека ако сè оди по планот и компаниите ги почитуваат роковите за достава, во следниот период ќе отвориме и други возрасни групи, за во јуни да можеме да вакцинираме и помлади сограѓани, рече Темистоклеус. Процесот на имунизација во Грција се врши со вакцините на Фајзе, Модерна и Астра Зенека, која е наменета за лица над 30 години. ср/

Остани поврзан