• вторник, 12 ноември 2024

Абдиу-Халили: Скринингот завршни, подоготвени сме за отварање на кластерите и продолжување на реформите

Абдиу-Халили: Скринингот завршни, подоготвени сме за отварање на кластерите и продолжување на реформите

Брисел, 7 декември 2023 (МИА) - За време на скринингот увидовме дека како држава имаме добро ниво на усогласеност на нашето законодавство со европското, но имплементацијата останува предизвик, порача државната секретарка во Секретаријатот за европски прашања и заменик главен преговарач со ЕУ Дрита Абдиу-Халили во завршното обраќање на денешниот билатерален состанок за „Поглавјето 31 – “Надворешна, одбранбена и безбедносна политика“ од Кластерот 6, со чие затворање заврши скрининг процесот на земјава со ЕУ. 

- За да ги постигнеме критериумите на ЕУ, потребно е интензивно да работиме во наредниот период, при отворањето на кластерите, затворањето на поглавјата, реформирањето и развојот на нашата земја, до полноправното членство во Унијата во 2030 година, порача Абдиу-Халили, која присуствуваше на состанокот заедно со вицепремиерот за европски прашање и главен преговарач со ЕУ Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи. 

Таа посочи дека во однос на „Поглавјето 31“ сме сто проценти усогласени со законодавството на ЕУ, поради фактот дека сме земја членка на НАТО и затоа што континуирано работиме на усогласување на надворешната, одбранбената и безбедносната политика со таа на Унијата и Алијансата. 

Според неа, како држава докажавме дека сме подготвени да ги продолжиме преговорите, да продолжиме со отворање на кластерите и да ја достигнеме нашата стратешка цел, полноправно членство во ЕУ до 2030 година. 

Скрининг процесот започна на 15 септември 2022 и во негови рамки беа одржани објаснувачки и билатерални состаноци за сите 33 поглавја кои се поделени во шест кластери. Во овој период во Брисел беа одржани 850 презентации, на кои присуствува приближно 1000 претставници од 206 различни институции од земјава, како и 800 експерти од Европската комисија. За време на 15-те месеци, колку што траеше скрининг, од страна на Еврокомисијата беа презентирани над 4500 акти, мерки, регулативи и директиви. сп/са/

Фото: СЕП

Остани поврзан