• четврток, 26 декември 2024

Скопје Ист гејт во последна градежна фаза, вкупната инвестиција е над 350 милиони евра

Скопје Ист гејт во последна градежна фаза, вкупната инвестиција е над 350 милиони евра
Скопје, 10 март 2021 (МИА) - Во последна градежна фаза е изградбата на шопинг молот Скопје Ист гејт што се гради на локацијата на поранешниот Скопски саем. Во него е најавена вкупна инвестиција од над 350 милиони евра и се очекува да биде пуштен за десетина месеци. Премиерот Зоран Заев при увид на градежните работи со министри од владиниот економски тим истакна дека сите кои одлучија да се спротивстават на пандемијата преку инвестиции тоа ќе го валоризираат со огромен успех.  -Со својата големина од 160 илјади метри квадратни површина, разновидност и содржини Скопје го има најголемиот трговски центар во регионот. Горди сме што Ист гејт мол носи реномирани трговски марки во нашата земја,  250 меѓународни и локални и регионални брендови. Шпанскиот моден гигант Инди текст со брендовите Зара, Зара хоум, Масимо Дути, Ојшто, Страдивариус, Бершка, Пуленбер, како и полската модна групација ЛПП со брендовите Ризровд, Мохито, Хаус синсеи се само дел од брендовите кои доаѓаат, а следат и трговските марки од познатите брендови од другите западноевропски брендови, изјави Заев. Скопје Ист гејт мол, потенцираше, инвестира и во услови на пандемија. Севкупната значајна инвестиција изнесува повеќе од 350 милиони евра и тоа е огромно вложување за нашата земја. Комплексот развива бруто површина од 500 илјади метри квадратни во кој покрај трговскиот центар се содржани 10 станбени и пет деловни згради. Тоа, наведе, значи отворање голем број на работни места, што е и наша заложба да креираме поволен деловен амбиент за добро платени работни места и привлекување нови инвестиции.   Како што информира Игор Давков, извршен директор на Ист Гејт Мол, за неколку месеци новиот шопинг мол ќе биде најатрактивна дестинација за посетителите од државава и од регионот.  - Трговскиот центар е во последна градежна фаза. Во готовата и затворена карабина како и завршените машински и електрични системски инсталации се почнати занаетчиските активности  и останува да се доработи внатрешниот ентериер на молот, рече Давков, најавувајќи дека ќе донесат реномирани трговски марки. Објектот Ист гејт мол има бруто развиена површина од 160 илјади метри квадратни, се простира на две нивоа над земја и располага со 57  илјади метри квадратни вкупна површина за изнајмување. Со објект од вакви димензии, укажа Давков, Скопје добива мол во регионот кој се рангира меѓу најголемите вакви недвижности и кој ќе биде новото место за забава и шопинг во градот. Спаѓа во т.н трговски центри на дестинација заради тоа што нуди повеќе содржини на едно место. Широк избор на модни брендови од сите категории, услуги, игротека, осум кино сали, седум ресторани, оддел за брза храна со 800 места за седење,  хипермаркет, салони за мебел и техника. Ќе има и зелени паркови на површина од над 12.000 метри квадратни. Со проектот се развиваат и инфраструктурни добра, како нови улици, нови  приоди кон автопатот, осветлување, зелени појаси и паркови, рече Давков, најавувајќи дека првпат ќе донесат реномирани трговски марки од целиот свет. Како што  истакна премиерот,  градежништвото кое развива 70 дејности и поддејности, има силно учество во БДП на државата и придонес во создавањето на работни места коишто се квалитетно платени. Позитивен сигнал за инвеститорите, според Заев, е извештајот на американска фондација Херитиџ за 2021 година во кој економијата на Северна Македонија според степенот на економски слободи е најдобро рангирана во регионот и е на 46-то место во светот.  Како дел од активностите на Владата за поддршка на стопанството посочи дека заклучно со 5 март од бескаматната кредитната линија со грант компонентата КОВИД – 3 која се реализира со финансиска подршка од ЕУ се исплатени 23,5 милиони евра за 2.053 корисници, или речиси 97 проценти од корисниците на кои им се одобрени кредитните барања од оваа линија.  Стопанството, како што рече,  е поддржано и со низа други мерки. Донесени се пет пакети економски мерки за задржување на ликвидноста и поддршката за сите сектори, а позитивен сигнал во услови на пандемија е и континуираниот раст на просечната плата. лв/вј/  

Остани поврзан