Скопје домаќин на CASSINI Хакатонот
- Хакатонот е посветен на „Вселената за здравството“. Учесниците ќе работат на иновативни решенија со користење сателитски податоци за подобрување на следење и реакција при болести и здравствени ризици, подобрување на итните медицински услуги и унапредување на менталното здравје и благосостојба.
Скопје, 16 мај 2025 (МИА) - Македонија од денеска до 18 мај прв пат ќе биде домаќин на еден од најпрестижните европски иновациски настани – CASSINI Hackathon што ќе се одржи во ИТ хабот Netaville во Скопје, под покровителство на Европската комисија и Агенцијата на ЕУ за вселенска програма (EUSPA).
Овој хакатон паралелно се одвива во 10 европски држави, а е посветен на темата „Вселената за здравството“. Учесниците ќе работат на иновативни решенија со користење сателитски податоци за подобрување на следење и реакција при болести и здравствени ризици, подобрување на итните медицински услуги и унапредување на менталното здравје и благосостојба.
-Настанот ќе ја обедини технолошката, здравствената, академската и стартап заедницата, со учество на студенти, експерти, претприемачи и ентузијасти и е поддржан од бројни национални и меѓународни организации, наведуваат од Netaville. мч/дма/
фото: Netaville