Скопје го доби „Ист гејт мол“, инвестиција од 103 милиони евра и 2.500 вработувања
- Оваа есен добивме трговски центар од новата генерација, кој го претставува светот на едно место. Со овој проект, Скопје, нашата земја и сите ние, добиваме многу. Ќе доаѓаат домашни посетители
Скопје, 28 октомври 2021 (МИА) - Скопје доби нов, најголем, современ трговски центар „Ист Гејт Мол“, истакна премиерот Зоран Заев во обраќањето на свеченоста што се одржа вечерва во пресрет на утрешното официјално отворање на Ист гејт мол, лоциран на локацијата на поранешниот Скопски саем.
На настанот присуствуваа и претседателот Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, како и министри во Владата, претставници на дипломатскиот кор и на закупците на трговскиот центар.
-Упатувам честитки на сите, на изведувачите, градежните компании, вработените во „Ист гејт“ како и на менаџментот за успешната и навремена реализација на оваа огромна инвестиција. Како што најавија кога во март годинава бевме тука, така и остварија. Оваа есен добивме трговски центар од новата генерација, кој го претставува светот на едно место. Со овој проект, Скопје, нашата земја и сите ние, добиваме многу. Ќе доаѓаат домашни посетители, илјадници туристи од регионот и пошироко, и тука на едно место ќе најдат многу реномирани брендови. Она што е значајно за домашната економија, е дека ќе се вработат и над 2.500 наши граѓани, рече Заев, посочувајќи дека 90 проценти од компаниите кои работеа се домашни и целиот објект го завршија во рекорден рок.
Креиравме, истакна Заев, поволен деловен амбиент, за сериозни вложувања, со добро платени работни места. -Сето тоа е препознаено и не случајно и во услови на пандемија се реализираат крупни капитални проекти, како овој во износ од 103 милиони евра. Денес, Северна Македонија е земја со предвидлива бизнис клима, НАТО членка, а тоа значи и сигурност на инвестициите. Сите одлуки кои ги носиме имаат за цел да создадат фер пазарни услови, подобра конкурентност и развој на приватниот сектор, рече Заев.
Трговскиот центар чија бруто изградена површина изнесува 160.000 метри квадратни беше изграден во рок од 26 месеци. „Ист Гејт Мол“ е дел од повеќенаменскиот проект „Скопје Ист Гејт“ и претставува инвестиција на Балфин Групација (Balfin Group).лв/ев/