• среда, 25 декември 2024

Скопската Итна помош доби седум амбулантни возила како донација од ЕУ

Скопската Итна помош доби седум амбулантни возила како донација од ЕУ

Скопје, 7 февруари 2024 (МИА) - Седум возила за брза помош доби денеска Службата за итна помош во Скопје, како донација од ЕУ. Станува збор за најнова испорака на помош од ЕУ наменета за помош на здравството во обезбедување подобри услуги за граѓаните.

Евроамбасадорот Дејвид Гир кој денеска присуствуваше на примопредавањето на возилата, посочи дека ова е пример за поддршката која што ја дава ЕУ, а која ќе има влијание на квалитетот на животот на многу пациенти.

-Скопје како најголем град има најголема потреба од овие возила. Денешнава донација ќе може да го ублажи недостатокот од ваквите возила. ЕУ активно дава поддршка во сферата на здравството, со цел да се подобрат здравствените услуги во оваа земја. Ние исто така помагаме во системот за трансплантација како и во спроведувањето на Националната стратегија за здравство, а ЕУ исто така ќе помогне и во однос на подобрување на системот за скрининг и рано откривање на рак, како и превентивната програма, рече Гир.

Тој потсети дека од 2021 година, Делегацијата на Европската Унија обезбеди системи за магнетна резонанца и за компјутерска томографија во осум болници низ земјата. Но, како што подвлече, разочаран е од извештајот на државниот ревизор, во кој се наведува дека во просек само 2.800 пациенти ги употребувале овие апарати.

-Ние се надеваме дека испораката на овие системи ќе придонесе за обезбедување на витални услуги за граѓаните на оваа земја. Но, морам да признам дека бев разочаран и загрижен од извештајот на државниот ревизор, во кој се вели дека проширувањето на вакви системи за магнетна резонанца и компјутерска томографија во Северна Македонија не резултираше со зголемување на нивна употреба, рече Гир.

Тој додаде дека во просек, системите за магнетна резонанца или компјутерска томографија во земјите членки на ЕУ искористеноста е меѓу четири до девет илјади за еден апарат.

-Апелирам да се употребува максимално донираната опрема која е во интерес на пациентите, додаде Гир.

Директорот на Здравствениот дом Виктор Исјаковски денеска за време на примопредавањето на опремата, изрази благодарност и посочи дека овие седум возила ќе бидат од помош на над 700 илјади граѓани.

-Благодарност за овие седум возила. Ќе му докажеме на евроамбасадорот Гир и на сите во Скопје колкава ќе биде искористеноста на овие возила. Веќе е почната постапка за нивна регистрација, и во текот на наредните дена возилата ќе бидат пуштени да им служат на граѓаните на Градот Скопје, рече Исјаковски. бт/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан