• сабота, 27 јули 2024

„Скејлфокус“ со нови канцеларии во строгиот центар на Скопје

„Скејлфокус“ со нови канцеларии во строгиот центар на Скопје
Скопје, 4 мај 2021 (МИА) - Меѓународната ИТ-компанија „Скејлфокус“, која неодамна официјално го објави својот план за проширување со ангажирање на 300 нови инженери во земјава, информира дека од пред неколку дена отвори нови канцеларии во строгиот центар на Скопје. Канцелариите со површина на 1000 квадратни метри се наоѓаат во деловниот комплекс „Настел бизнис центар” и нудат ентериерни решенија препознатливи за сите канцеларии на „Скејлфокус“ насекаде низ светот - дизајнирани да ги задоволат и потребите на инженерите на новото време, но и специфичните барања за определени сензитивни проекти и клиенти. - Нашиот нов дом во Скопје е создаден да овозможува дополнителен импулс во креативната работа на нашите луѓе. Заедничкиот простор за одмор и дружење за нас е подеднакво важен како и работниот, бидејќи тимскиот дух е во основата на нашата компаниска култура за создавање на големи проекти и споделување на знаење, изјави одговорното техничко лице во „Скејлфокус“, Горан Стојановски. Тој посочува дека „Скејлфокус“ работи со некои од најголемите компании и организации во светот на проекти, што понекогаш бараат посебни безбедносни протоколи поради сензитивноста на работата и токму затоа во новиот компаниски простор се предвидени и посебни „безбедни соби. - Безбедните соби овозможуваат целосно безбеден развој на софтверски решенија и услуги, со јасни протоколи за влез, излез и дистрибуција на информации и луѓе, потенцира Стојановски. Покрај во Скопје, „Скејлфокус“ свои канцеларии за развој има и во Софија, Пловдив, Варна и Бургас. сп/

Остани поврзан