• петок, 08 ноември 2024

Си Џинпинг пристигна во посета на Србија (ДПЛ)

Си Џинпинг пристигна во посета на Србија (ДПЛ)

Белград, 7 мај 2024 (МИА) - Кинескиот претседател Си Џинпинг пристигна вечерва во Србија јавија кинеските државни медиуми. Тоа е негова „втора станица“ од европска турнеја по државната посета на Франција.

Кинеската државна телевизија CCTV јави дека Си „пристигнал во Белград со специјален авион со цел да престојува во државна посета на Србија, на покана на претседателот Александар Вучиќ“. 

Си, по дводневната посета на Франција на чело на делегација од 400 лица, пристигна во Белград на покана на Вучиќ, со кого ќе разговара за подобрување на билатералните односи и соработка.

Членовите на кинеската делегација - министри и претставници на институциите попладнето на белградскиот аеродром ги пречекаа министрите за финансии и за внатрешна и надворешна трговија Синиша Мали и Томислав Момировиќ.

Пред Палатата Србија во Нов Белград, утре ќе има свечен прием на претседателот на Кина, по што ќе следи средба со Вучиќ, пленарна средба на делегациите и потпишување на Заедничката изјава и размена на потпишани билатерални документи.

Владата на Србија на денешната седница усвои повеќе документи - меморандуми за разбирање за соработка и протоколи меѓу Србија и Кина во областа на инфраструктурата, земјоделството, информациите и телекомуникациите и туризмот, јави Бета. зш/

Остани поврзан