• сабота, 23 ноември 2024

Си Џинпинг: Кина и Русија треба заеднички да ја заштитат глобалната стратешка стабилност

Си Џинпинг: Кина и Русија треба заеднички да ја заштитат глобалната стратешка стабилност

Пекинг, 23 октомври 2024 (МИА) - Кина и Русија треба да ја продлабочат сеопфатната стратешка соработка, заеднички да ја заштитат глобалната стратешка стабилност и меѓународната правда, изјави кинескиот претседател Си Џинпинг на средбата со рускиот лидер Владимир Путин во рамките на Самитот на БРИКС во Казан, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.

„Русија и Кина, како постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации и големите светски сили, треба да ја продлабочат сеопфатната стратешка соработка, тесно да соработуваат и да се координираат во рамките на мултилатералните механизми како што се ОН и Шангајската организација за соработка (СЦО)“, рече Си.

Според него, трговската соработка меѓу двете земји активно се развива и покрај сложената меѓународна ситуација.

Тој посочи дека пред земјите е промоцијата на иницијативата „Појас и пат“ и Евроазиската економска унија, со цел да се даде поттик и поддршка на квалитативниот развој на двете економии.

Покрај тоа, Си нагласи дека Пекинг смета на развој на стратешка и практична соработка меѓу земјите од БРИКС.

„Очекуваме темелно да разговараме со лидерите на БРИКС за идниот развој на механизмите за соработка на организацијата за да помогнеме во стратешката координација и практичната соработка на различни полиња меѓу земјите на БРИКС и да реализираме нови можности за глобалниот југ“, рече Си.

Претходно, Путин на средбата со Си оцени дека сериозните потреси на меѓународната сцена не можат да ги разнишаат силните односи меѓу Русија и Кина.

Самитот на БРИКС во Казан се одржува од 22 до 24 октомври.

Според Јуриј Ушаков, помошник на рускиот претседател, на Самитот се претставени 36 земји, од кои 22 на највисоко ниво, а на настанот учествуваат и шефови на шест меѓународни организации. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан