• петок, 27 декември 2024

Сиљановска Давкова-Вучиќ: Односите меѓу двете земји извонредни, меѓусебна поддршка на сите полиња

Сиљановска Давкова-Вучиќ: Односите меѓу двете земји извонредни, меѓусебна поддршка на сите полиња

Прохор Пчински, 2 август  2024 (МИА) - Односите меѓу државите се извонредни и невообичаено скандинавски на Балканот, оцени претседателката Гордана Сиљановска Давкова по билатералната средба со нејзиниот српски колега, Александар Вучиќ, во манастирот Прохор Пчињски. Двајцата претседатели  по билатералната средба изразија задоволство од досегашните односи и уверување оти ќе продолжат да се развиваат.

Сиљановска Давкова посочи дека АСНОМ е нашиот втор Илинден, најважниот или празникот на празниците за нас, бидејќи, вели, тоа е денот на создавањето на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија, рече претседателката. 

-Односите јас денеска ги нареков, и ќе повторам и овде, како невообичаено скандинавски на Балканот, бидејќи она што правеа Данска, Финска и Шведска за Латвија, Летонија и Естонија еве јас денеска го почувствував овде, рече претседателката. 

Таа кажа дека се радува што и од едната и од другата страна видела Македонци, Србии други граѓани што покажува дека „односите се извонредни, добрососедски во вистинска смисла на зборот, односи зад кои стои желба за солидарност, за помош и за трајна соработка".

-Инспиративен е амбиентот, инспиративна беше духовната храна денеска и уште еднаш благодарност и за разбирањето бидејќи навистина логично е да го славите денот онаму каде што се случил. Такви денови и Србија има, споменици и мислам дека истото треба да продолжиме да го правиме. Можеби еден ден мислам дека е најдобро да го регулираме овој однос со потпишување на еден договор, тогаш навистина ќе дадеме еден добар пример, рече претседателката.

Сиљановска Давкова во изјавата за медиумите рече дека е заговорник на регионалната соработка, и верува во меѓусебната поддршка и разбирањето.

 - Затоа треба да сториме се’ да ги решаваме проблемите меѓу себе, да не дозволуваме на „зелени маси“ да се решаваат зошто не случајно живееме едни крај други, рече претседателката која меѓу другото се заблагодари и за помошта од Србија во гасењето на пожарите.

Во однос на железницата таа кажа дека е важна и е надлежност на Владата. 

Претседателот Вучиќ по билатералната средба го честиташе празникот Илинден на граѓаните, а на претседателката и посака успешна работа во следните години, а во Србија да се чувствува како во своја куќа оти е декогаш е добредојдена.

-Сакам да го честитам денешниот празник Свети Илија на сите во Србија и сакам на вас Македонците да ви го честитам Илинден, голем празник за македонскиот народ и да им посакам уште многу години, децении и векови да го слават својот празник и ја молам претседателската во Србија да се чувствува како во своја куќа. Секогаш е добредојдена, рече Вучиќ.

На средбата разговарале и за политички прашања како евроинтегративниот пат на двете држави, за проблемите со кои се соочуваат, како и за прашања кои се од заеднички интерес на народите и на државите, а ја спомнаа и изгрдабата на брзата пруга од Будимпешта преку Србија и нашата земја до Грција. 

-Сигурен сум дека Србија и Северна Македонија ќе ги развиваат уште повеќе меѓусебните односи, дека ќе ги градиме внимателно нашите односи со меѓусебна почит и дека ќе работиме на конкретни проекти. Денеска овде е и потпретседателот на Владата г. Стојиљковиќ. Како претседател на Србија изразив волја ние да ја градиме пругата до Прешово, а вие 190 километри од Табановце до Гевгелија за да овозможиме побрзо доаѓање до Солун со брза пруга и мислам дека тоа би било од огромно значење за двете страни, кажа Вучиќ.

Во однос на трговската размена  српскиот претседател укажа дека била 1,75 милијарди евра и изрази уверување дека во наредните две години ќе достигне над две милијарди евра во размена.

- Уште многу, многу заеднички да направиме, меѓусебно да се подржуваме не само со иницијативата Отворен Балкан, туку секаде и на сите меѓународни форуми, организации и институции, рече Вучиќ кој очекува Сиљановска Давкова до крајот на годината да оствари официјална посета на Белград.

Во состав на државно-црковната делегација која ја предводеше претседателката Сиљановска Давкова на чествувањето во манастирот „Св. Прохор Пчински“ беа потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, заменик претседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, македонскиот амбасадор во Република Србија, Никола Тупанчески, претставниците од Сојузот на борци, Наум Буревски и Снежана Несторовска и митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј. ам/вг/

Фото: МИА/Кабинет на претседателот

Остани поврзан