• сабота, 23 ноември 2024

Сиљановска Давкова на КОП29: Земјите треба да имаат постојан пристап до фондовите за климатска акција пред членството во ЕУ

Сиљановска Давкова на КОП29: Земјите треба да имаат постојан пристап до фондовите за климатска акција пред членството во ЕУ

Скопје, 12 ноември 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во рамки на учеството на Самитот за климатски промени (КОП29) во Баку, денеска се обрати на првата пленарна сесија на сегментот на високо ниво за шефови на држави и Влади.

-Се собравме на COP29 среде војна. Добрата вест е, како што некои би рекле, тоа што агресорот веќе трпи големи загуби и најверојатно ќе ја изгуби војната. Лошата вест е тоа што агресорот е самото човештво, со неговите неодржливи производствени системи и потрошувачки навики, истакнала Сиљановска Давкова.

Доколку не го одржиме глобалното затоплување под 1,5 степени до 2050 година, наместо за одржливост и раст, како што посочила претседателката, ќе треба да размислуваме за соодветни места за населување и опстанок. Во оваа војна против природата, најчесто страдаат невините, децата, ранливите популации и малите нации во развој.

-Сместена во еден од најранливите климатски региони во светот, Медитеранот, ние мора да ги прилагодиме нашите безбедносни, одбранбени, енергетски, здравствени, туристички, водни, образовни и други системи на овој повеќедимензионален предизвик, кој исто така треба да ги вклучи жените, децата и младите. Ги поддржавме декларациите за унапредена акција во доменот на туризмот и за водата за климатската акција. Воедно, назначив експерт за климатски промени во нашиот национален Совет за безбедност и се приклучивме на Групата на пријатели за клима и безбедност, нагласила Сиљановска Давкова.

Нашата цел, како што потенцрала претседателката, е да ја забрзаме транзицијата кон економија со ниска потрошувачка на јаглерод во сите сектори, вклучувајќи ги енергетиката, транспортот, индустријата и земјоделството.

- За да постигнеме зелен раст, ќе инвестираме во зелени работни места и ќе ги преквалификуваме работниците од производството на енергија на база на јаглерод. Одржливата енергетска транзиција мора да биде еколошки и општествено праведна. Со донесување на Закон за климатска акција ќе воведеме правна рамка за мониторинг, известување, верификација и акредитација. Истовремено, ќе донесеме ревидиран Закон за енергетика и нов закон за обновливи извори, нагласила Сиљановска Давкова.

Потенцирала дека овие закони го поддржуваат спроведувањето на предизвикувачкиот кластер „Зелена агенда и одржливо поврзување“ во преговорите за членство во ЕУ, за што се потребни 3,1 милијарди евра за обновлива енергија и енергетска ефикасност. Економскиот и инвестицискиот план и Зелената агенда за Западен Балкан обезбедуваат финансирање за ова. Без оглед на напредокот во процесот на пристапување во ЕУ, земјите треба да имаат постојан пристап до фондовите за климатска акција пред членството.

-Ни треба мировен договор, природен договор, како што би рекол Мишел Серес, за да престанеме да ја третираме природата како противник и да почнеме да се однесуваме кон неа како кон партнер. Парискиот договор, целите за одржлив развој се основата на тој мировен договор, на тој природен договор. Да ги спроведеме во согласност со принципот pacta sunt servanda, истакнала во своето обраќање претседателката Сиљановска Давкова. дма/аа/

Фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска Давкова

Остани поврзан