• вторник, 24 декември 2024

Сиљановска Давкова - Лајен: Клучот за нашиот развој е во интеграција согласно Копенхагенските критериуми и принципот на заслуги

Сиљановска Давкова - Лајен: Клучот за нашиот развој е во интеграција согласно Копенхагенските критериуми и принципот на заслуги

Скопје, 24 октомври 2024 (МИА) - Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова денеска оствaрила средба со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, на која биле разменети мислења и информации за евроинтеграцискиот процес на земјава и перспективите за напредок, имплементацијата на реформите и придобивките од Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан.

Заблагодарувајќи се за нејзиниот личен ангажман и заложби во однос на проширувањето, како што соопшти нејзиниот Кабинет, претседателката Сиљановска Давкова посочила дека Планот за раст е важен механизам со голем потенцијал, кој ќе ги забрза реформите, ќе придонесе за стандардизација, економскиот раст и напредок и ќе ја приближи земјата до Европската Унија.

Сиљановска Давкова истакнала дека македонските институции во повеќе области се подготвени за забрзана интеграција и вклучување во повеќе иницијативи и мрежи на ЕУ и изразила очекување дека процесот на интеграција ќе се спроведе врз основа на принципот на заслуги и Копенхагенските критериуми, пoтенцирајќи дека во нив е клучот за нашиот развој.

- Посочувајќи ја важноста од одржување на кредибилитетот на Европската Унија во однос на политиката на проширувањето, претседателката ја истакна потребата од засилена поддршка од страна на европските институции со цел надминување на билатералните предизвици и забрзување на евроинтеграциите. Претседателката изрази подготвеност за натамошно продолжување на дијалогот и ја истакна важноста новиот пристап на постепена, фазна интеграција да продолжи паралелно со процесот на пристапување, се наведува во соопштението.

Во контекст на регионалните случувања, претседателката Сиљановска Давкова посочила дека напредокот постигнат од секоја земја-кандидат од Западен Балкан позитивно влијае на регионалната динамика на пристапување во ЕУ и ги истакнала своите заложби за натамошно унапредување на севкупната регионална соработка во интерес на заедничката стабилност, безбедност и просперитет. цр/нд/

Фото: Кабинет на претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова

Остани поврзан