Сиљановска Давкова имаше работен ручек со амбасадорите на земјите – членки на ЕУ
- Претседателката Гордана Сиљановска Давкова вчера имаше работен ручек со амбасадорите на земјите – членки на Европската Унија во земјава, организиран од унгарскиот амбасадор, Андраш Клајн.
Скопје, 12 декември 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова вчера имаше работен ручек со амбасадорите на земјите – членки на Европската Унија во земјава, организиран од унгарскиот амбасадор, Андраш Клајн.
Во пријателска атмосфера, како што соопшти кабинетот на претседателката, се дискутирало за актуелни домашни, регионални, европски и светски настани и процеси.
Акцентот бил ставен на македонските проблеми и препреки во евроинтеграцијата и на потребата од креативно решение за надминување на бугарско-македонскиот спор во духот на пријателството и добрососедските односи, со почитување на фундаменталните вредности и принципи на ЕУ.
Претседателката ја реафирмирала својата длабока верба, посветеност и решеност за спроведување на реформската агенда во согласност со копенхагенските критериуми, со активно партнерство со ЕУ.
Сиљановска Давкова укажала дека билатерализацијата и преседаните се реална опасност за проширувањето.
Според неа, во амбиент на воени конфликти, проширувањето на ЕУ со државите од Западен Балкан, кои природно и припаѓаат на Европа: географски, историски и културно и водат заедничка надворешна и безбедносна политика со ЕУ е од заеднички интерес и го јакнее нивниот имунитет кон заканите. дма/са/
Фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска Давкова