• четврток, 26 декември 2024

Сиљановска Давкова - Милановиќ: Евроинтеграцискиот процес мора да се ослободи од оковите на билатералните прашања

Сиљановска Давкова - Милановиќ: Евроинтеграцискиот процес мора да се ослободи од оковите на билатералните прашања

Скопје, 8 октомври 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска остварила средба со претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ во Тиват, Црна Гора, каде учествуваат на состанокот на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони.

На средбата претседателката Сиљановска Давкова, како  што соопшти нејзиниот Кабинет, изразила благодарност за цврстата и континуирана поддршка од Хрватска во процесот на евроинтеграции, што е најдобриот пат за развој на нашиот регион и стабилноста на Европа.

Во таа насока, претседателката Сиљановска Давкова истакнала дека евроинтеграцискиот процес мора да се ослободи од оковите на билатералните прашања и целосно да се дебилатеризира, посочувајќи на опасноста од зголемување на евроскептицизмот поради актуелниот ќор-сокак во кој се наоѓа процесот.

Претседателката Сиљановска Давкова посочила на потребата Европската Унија да ја потврди својата јасна посветеност на регионот, како што беше направено на Самитот во Солун во 2003 година, а процесот на интеграција да се базира на исполнување на критериумите од Копенхаген како единствени услови за влез во унијата.

Во контекст на регионалната соработка, Сиљановска Давкова истакнала дека нејзиното зајакнување ќе обезбеди нашиот регион да остане отпорен на надворешни притисоци.

На средбата претседателката Сиљановска Давкова потенцирала и дека како НАТО сојузници, силно сме посветени на промовирање и споделување на заедничките вредности и одговорности во рамките на Алијансата, придонесувајќи за меѓународните мировни операции, споделувајќи заеднички ставови во однос на ситуацијата на регионално и мултилатерално ниво за мир и стабилност во регионот.

Во разговорите било констатирано дека двете држави негуваат одлични билатерални односи, кои се карактеризираат со интензивен политички дијалог, конструктивна соработка во сите области од заемен интерес и долгогодишно пријателство. дма/са/

Фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска Давкова

 

 

 

 

 

 

Остани поврзан