• вторник, 24 декември 2024

Сиљановска Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Перу

Сиљановска Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Перу

Скопје, 20 ноември 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Перу, со седиште во Букурешт, Феликс Рикардо Денегри Боса.

На церемонијата на предавање на акредитивните писма, претседателката Сиљановска Давкова, како што соопшти нејзиниот Кабинет, изразила уверување дека идниот развој на односите и соработката меѓу двете земји ќе претставуваат позитивен пример и предизвик за нивно постојано надградување со нови содржини во конкретни области.

Посочувајќи дека светот денес се соочува со бројни предизвици, претседателката порачала дека меѓусебната соработка е од суштинско значење не само за просперитетот на двете земји, туку и за градење на посилна меѓународна заедница.

-Нашите држави и покрај географската оддалеченост, споделуваат значајни вредности и стремежи за мир, стабилност и развој, поврзани преку заемната посветеност на демократските принципи и правата на човекот, како и преку интересот за зајакнување на културните, економските и образовните врски, истакнала во поздравното обраќање претседателката Сиљановска Давкова.  

Во своето обраќање амбасадорот на Перу, посочил дека двете држави споделуваат заедничките демократски  вредности, промовирање на мирот, економскиот напредок и човековите права, со што придонесуваат не само за јакнење на сопствените држави туку и за глобалната стабилност.

Перуанскиот амбасадор ја истакнал мултилатералната соработка и се заблагодари за македонската поддршка на кандидатурите на Перу во меѓународните организации.

Посочувајќи го безвизниот режим меѓу двете земји, тој изразил очекување за развој на туризмот во иднина. Амбасадорот ја потенцирал и улогата на малубројната перуанска заедница во земјава во јакнење на меѓусебните врски и зближување на народите.

На свечената церемонија, претседателката му посакала на амбасадорот успешно вршење на мисијата и изразила уверување дека со неговото дипломатско искуство ќе придонесе во продлабочување на меѓусебното пријателство. дма/ac/

Фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска Давкова

Остани поврзан