• среда, 25 декември 2024

Сиљановска Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Република Сан Марино, Кјара Кардоња

Сиљановска Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Република Сан Марино, Кјара Кардоња

Скопје, 20 ноември 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими акредитивните писма на Кјара Кардоња, новоименуваната амбасадорка на Република Сан Марино, со седиште во Министерството за надворешни работи на Сан Марино, информираат од нејзиниот кабинет. 

На церемонијата на предавање на акредитивните писма претседателката Сиљановска Давкова, посочувајќи дека дипломатските односи меѓу двете држави се воспоставени пред само пет години и дека амбасадорката Кaрдоња е прв именуван амбасадор од оваа земја, изразила надеж дека нејзиното именување ќе придонесе за зајакнување и за продлабочување на пријателските односи и на соработката меѓу двете земји, како на билатерален, така и на меѓународен план.

-Мојата земја е целосно заинтересирана за унапредување на севкупната соработка со Сан Марино и за воспоставување поактивна политичка комуникација со интензивирање на контактите на највисоко ниво“, истакнала претседателката додавајќи дека постои подготвеност за јакнење и на билатералната парламентарна димензија на соработка базирана на заедничка определба за поддршка на демократијата, индивидуалните слободи и останати вредности на живеење, за натамошно развивање на заедничките вредности и поголема меѓусебна блискост.

Таа нагласила дека можностите коишто постојат за проширување на односите меѓу двете земји на полето на политиката, економијата и туризмот, треба да се продлабочат во интерес на двете држави.

Особено би сакала да го потенцирам нашиот интерес за интензивирање на економските врски меѓу бизнисите во двете земји. Верувам дека активностите, коишто ги презема сегашната влада за постојано подобрување на инвестициската и вкупната деловна клима во земјава, ќе создадат широко поле на нови можности за економска поврзаност помеѓу нас, рекла претседателката Сиљановска Давкова.

Амбасадорката Кардоња во обраќањето истакнала дека двете републики се блиски и тоа не само од географски аспект и во тој контекст посочи дека и за двете земји европската интеграција претставува приоритетна цел, при што нагласила дека нејзината држава го избра патот на здружување, а нашата држава е кандидат за членство во Европската Унија.

-Во свет, кој сѐ повеќе е насочен кон зачувување на националните идентитети, а истовремено е повикан на меѓусебна поврзаност, Европа е нашата заедничка иднина, закрилничка што ја зајакнува сувереноста на нашите држави, и им овозможува со одлучност да се справат со современите предизвици. Обемот на кризите што го засегаат светот, и големината на другите учесници, бараат сѐ погласни и заеднички одговори. Ова е уште поважно за земји со мала територијална распространетост, рекла амбасадорката Кардоња.

Таа додала дека европскиот културен простор е збир на идентитети, јазици и култури, кои иако различни, имаат заедничка матрица на традиции и легитимни аспирации. Амбасадорката на Сан Марино ја истакнала и соработката на двете земји во рамките на мултилатерални структури и механизми, избирајќи ја силата на дијалогот, демократијата и почитувањето на другите.

Претседателката Сиљановска Давкова на новоименуваната амбасадорка на Сан Марино ѝ посакала многу успех во извршувањето на нејзината одговорна дипломатска мисија. сст/са/

фото кабинет на претседател

 

 

Остани поврзан