• недела, 24 ноември 2024

Сиљановска Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Франција, Кристоф Ле Риголер

Сиљановска Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Франција, Кристоф Ле Риголер

Скопје, 29 август 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Француската Република, Кристоф Ле Риголер. На церемонијата на предавање на акредитивните писма, што се одржа во Вила Билјана во Охрид, претседателката Сиљановска Давкова истакна дека во тридецениската историја на дипломатски односи, со заеднички напори, двете држави изградија динамични политички односи и солидно ниво на меѓусебна соработка во повеќе области, а како резултат на тие заеднички напори, нашата земја, денес, во Француската Република несомнено гледа голем пријател и искрен сојузник во процесот на нашите европски интеграции, информираат од кабинетот на Сиљановска Давкова.

Во таа насока, претседателката изразила благодарност за француската континуирана поддршка која што е особено зајакната во изминатите години, а која што ќе продолжи да претставува значаен поттик за наша силна посветеност во спроведувањето на реформите во земјата.

-Нашата земја заслужува да ги отпочне преговорите за пристапување во ЕУ без натамошно одложување. Подготвени сме да го преземеме својот дел од задачата за иднината на Европа, ширејќи ја нашата визија за отворен пристап кон европските партнери, заснован на определбата за пријателство, широка соработка, меѓусебно почитување и искрен пристап во односите. Тука, немаме сомнежи дека нашите француски пријатели безрезервно ќе ѝ помогнат на нашата држава да стане дел од европското семејство, чин што ќе отвори ново поглавје во нашата историја, ќе донесе нова енергија кај македонските институции и граѓани, ќе подигне нов бран на посветено себевложување за европската идеја, рекла претседателката Сиљановска Давкова.

Таа ја нагласила нашата подготвеност за унапредување на билатералните односи и меѓусебната соработка во сите области од заемен интерес, особено за интензивирање на економските односи меѓу двете земји.

Амбасадорот Ле Риголер, во своето обраќање на церемонијата, истакнал дека неговата мисија во нашата држава е со двојно значење, да обезбеди континуитет во поддршката на Франција за нашиот европски пат и реформскиот процес, како и за унапредување на човечките и културните односи кои ги обединуваат двата народа. Во насока на продлабочување на билатералните односи, амбасадорот Ле Риголер истакнал дека се значајни интензивирањето на политичките размени и спроведувањето на конкретни и структурни економски проекти кои се корисни за целокупното македонско население.

Нагласувајќи дека Франција безусловно го поддржува политичкиот процес за европска интеграција на земјите од Западниот Балкан, а особено на нашата земја, амбасадорот Ле Риголер потенцирал дека овој европски пат е заедничка обврска, колективна неопходност и заедничка судбина.

-Нашата поддршка не е само политичка. Таа поддршка е и практична, која сè повеќе се зајакнува, за да се помогне во реформскиот процес кој е во тек. Спремни сме да го споделиме нашето искуство и нашата експертиза насекаде како тоа би ви било корисно, истакнал амбасадорот Ле Риголер. сст/аа/

Фото: Кабинет на претседател

 

 

Остани поврзан