• четврток, 26 декември 2024

Сиљановска-Давкова утре ќе го почне претседателскиот мандат со свечена изјава во Собранието

Сиљановска-Давкова утре ќе го почне претседателскиот мандат со свечена изјава во Собранието

Скопје, 11 мај 2024 (МИА) - Новоизбраната претседателка на државата Гордана Сиљановска-Давкова утре напладне ќе даде свечена изјава на инаугуративна седница во Собранието, согласно со член 81 став 9 од Уставот на Република Северна Македонија.

Седницата е закажана откако Државната изборна комисија  (ДИК) денеска на седница објави конечност на резултатите за Претседателските избори, одржани на 24 април и 8 мај, и го достави извештајот до Парламентот. 

Претседателот на ДИК Александар Даштевски и го врачи Уверението на Сиљановска-Давкова  за избран Претседател на Република Северна Македонија, и во име на Комисијата и посака успешен мандат. 

– Уверението секогаш претходи на прогласувањето што ќе се случи утре во Собранието за изборот за претседател на државата. Формална круна или формално финале на изборите, изјави за МИА Сиљановска-Давкова по примањето на Уверението од ДИК.

Свечената изјава таа утре ќе ја даде пред пратениците од стариот собраниски состав, по што ќе почне да тече нејзиниот петгодишен претседателски мандат. Претседателската функција ќе ја преземе од Стево Пендаровски, нејзин противкандидат на овие и на претходните избори во 2019, кому мандатот му истекува утре. 

Универзитетската професорка Гордана Сиљановска-Давкова ќе биде шестиот претседател на државата и прва жена избрана на оваа позиција. хс/лв/

Фото: МИА архива 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан