Сијарто: Унгарската влада беше „Трамп пред Трамп“
- Унгарската влада „беше Трамп пред Доналд Трамп“, бидејќи веќе долго време ги отфрла миграциите, родовата пропаганда и војната во Украина, поради што претрпе напади во Европа, изјави унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто во Њу Делхи.

Будимпешта, 18 март 2025 (МИА) – Унгарската влада „беше Трамп пред Доналд Трамп“, бидејќи веќе долго време ги отфрла миграциите, родовата пропаганда и војната во Украина, поради што претрпе напади во Европа, изјави унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто во Њу Делхи.
Сијарто на панелот на меѓународниот форум Раисина Дијалог 2025 рече дека „конзистентниот и долгорочен“ пристап на владата кон овие прашања довел до политички и финансиски напади.
- Ние сме попопуларни надвор од Европа отколку внатре во неа, рече тој, според соопштението на унгарското МНР.
- Либералниот мејнстрим не може да свари дека успешно спроведуваме конзервативна, патриотска и десничарска стратегија. Пристапот на Унгарија кон војната во Украина е конзистентен веќе три години, рече Сијарто, истакнувајќи дека веднаш по почетокот на инвазијата, тој разговарал со завојуваните страни за да ја понуди Будимпешта како место за мировни преговори.
- Одржувам надеж дека тие ќе ја прифатат таа понуда и ќе одржат мировни преговори, рече тој.
Унгарија е единствената членка на НАТО која не испрати оружје во Украина, туку ја почна „најголемата хуманитарна операција во својата историја“. Унгарија во меѓувреме стана главен извор на електрична енергија за Украина, а од февруари тоа е случај и за природниот гас, рече министерот. Тој се пожали дека и покрај овие напори, владата „е под финансиски и политички напад“ поради тоа што повикува на прекин на огнот и мировни преговори. јт/
Фото: Сијарто на Фејсбук