• четврток, 26 декември 2024

Сијарто: Унгарија е во центарот на вниманието на светот, западните лидери се обидуваат да ја изолираат

Сијарто: Унгарија е во центарот на вниманието на светот, западните лидери се обидуваат да ја изолираат

Будимпешта, 9 ноември 2024 (МИА) – Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денеска изјави дека Унгарија ја посетиле сите европски лидери во последните два дена, и покрај тоа што западните власти тврдат дека земјата е изолирана во своите ставови.

- Всушност, ние сме толку изолирани што во последните два дена секој европски лидер не посети овде во Будимпешта. Со самитот на европската политичка заедница и состанокот на Европскиот совет ги организиравме најголемите дипломатски настани во историјата на Унгарија, вели Сијарто во авторскиот текст, пренесува Индекс. ху.

Тој додаде дека лидерите на западниот свет се собрале во Будимпешта само два дена по убедливата победа на Доналд Трамп на претседателските избори во САД.

„Лажат дека сме изолирани … Да се кажуваат такви глупости дури и во денешната меѓународна политичка дебата, која нема баш висок стандард, е подвиг. Толку сме изолирани што се осмелувам да кажам … денес само унгарскиот премиер може истовремено да разговара со лидерите на најсилните светски полови на моќ: претставниците на Обединетите нации, претседателите на Кина, Русија и Турција и премиерот на Израел“, рече Сијарто, додавајќи дека тоа значи и дека сме опкружени со нова реалност – „старите клишеа не функционираат, повторувањето познати позиции не води никаде“.

„Живееме во доба на опасност, светот пред нашите очи влегува во сосема нова економска и политичка ера. Во ера во која ништо не е (и нема да биде) исто … Во Европа се уште има војна, речиси една деценија живееме под притисок на илегалната миграција, европската политика е заглавена во политичката коректност, а меѓународниот либерален мејнстрим почна уште еден очајнички напад за да го премести стариот континент во пост-национална и постхристијанска ера“, наведе унгарскиот министер.

Тој нагласи дека Унгарија е една од ретките земји во Европа во последниве години која се осмелила отворено да „почне борба“ во согласност со трите цели на националната надворешна политика – зачувување на суверенитетот, унапредување на мирот и одржување на економската неутралност.

Тој додаде дека има впечаток „дека либералниот мејнстрим нема што друго да прави освен да ја поткопува унгарската надворешна политика секој ден“.

„Зошто зборуваме за мир, зошто ги одржуваме односите со Русија, зошто ги охрабруваме кинеските компании да инвестираат во Унгарија, зошто ставаме вето на резолуциите со кои се критикува Израел, зошто не ги осудуваме арапските земји по прашањето за спроведување на човековите права, зошто го напаѓаме Брисел поради илегалната миграција, зошто премиерот се среќава со 45-от претседател на САД“, нагласи Сијарто и оцени дека фактите не се во корист на бриселските власти и дека е докажано дека европската и американската воена стратегија „биле сериозно промашување“.

- Не ги интересираше фактот дека испораките на оружје не доведоа до напредок на Украинците на бојното поле, туку до смрт на многу повеќе луѓе, дека санкциите не функционираат, дека уништувањето се зголемува. Не можеа да разберат дека затворањето на каналите за комуникација значи целосно напуштање на надежта за мир“, предупреди Сијарто.

Тој додаде дека Брисел не го интересира тоа што Унгарија и во најтешкиот период немала проблем со снабдувањето со енергија, ниту дека во земјата се градат најмодерни германски и кинески фабрики и се отвораат десетици илјади работни места.

Со широк спектар на правни, политички, медиумски и финансиски напади, Брисел сака да ја вовлече Унгарија во „провоена политика“, да „го предаде суверенитетот, да ги прифати мигрантите, поклонувајќи се на агресивниот политички мејнстрим на родовата пропаганда“.

„Се спротивставивме: три години успешно ја држевме земјата надвор од војна, не се откажавме ниту од мал дел од нашиот суверенитет, тука нема мигранти, а ни ЛГБТ активистите не можат да им го збунат умот на нашите деца“, заклучува Сијарто. јт/

Фото: Фејсбук

Остани поврзан