Сијарто во САД: Мирот во Украина изгледа поблиску од кога било, опасноста од ескалација е најголема
- Унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто изјави дека крајот на конфликтот во Украина изгледа поблиску од кога било, иако опасноста од ескалација е најголема досега, бидејќи „американската администрација во заминување се обидува да го направи невозможно посредувањето за мир по 20 јануари“.
Вашингтон, 5 декември 2024 (МИА) – Унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто изјави дека крајот на конфликтот во Украина изгледа поблиску од кога било, иако опасноста од ескалација е најголема досега, бидејќи „американската администрација во заминување се обидува да го направи невозможно посредувањето за мир по 20 јануари“.
- Не останува ништо друго освен да се надеваме дека во Украина до 20 јануари нема да се случи нешто што неповратно ќе ја промени ситуацијата и ќе го направи посредувањето за мир многу потешко отколку што изгледа сега, рече Сијaрто за време на посетата на Вашингтон, каде што се сретна со претставникот на Претставничкиот дом, Мајк Волц, републиканец од Флорида, јави денеска МТА.
Сијарто го поздрави назначувањето на Волц за советник за национална безбедност во новата администрација на Трамп, како тоа што функцијата му припадна на член на унгарско-американскиот кокус, велејќи дека „пријателските разговори“ ги допреле геополитичките прашања, вклучително и војната во Украина.
За време на посетата на Вашингтон, Сијарто изјави дека Унгарија „навива“ за новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, кој има за цел брзо да стави крај на војната во Украина.
Во врска со американско-унгарските односи, Сијарто рече дека фактот што американските републиканци и „унгарските патриоти“, како што ја опиша владата во Будимпешта, „имаат слични, а понекогаш и совршено усогласени ставови за најважните прашања од светската политика“, секако ќе обезбеди стабилна основа за обновување на односите.
Како пример ја наведе борбата против илегалната миграција и заштитата на границите и суверенитетот.
- Сакаме нашата политика да ја засноваме на здравиот разум, семејството е приоритет за двете администрации и го зборуваме јазикот на мирот, заклучи Сијарто. јт/
Фото: Фејсбук