• недела, 17 ноември 2024

Ситуацијата во грчкиот фудбал во фокусот на средбата на Мицотакис со Чеферин, Моцепе и Ал-Келаифи

Ситуацијата во грчкиот фудбал во фокусот на средбата на Мицотакис со Чеферин, Моцепе и Ал-Келаифи

Атина, 10 октомври 2024 (МИА) – Мерките што ги спроведува Грција за ефикасно спречување и справување со насилството меѓу навивачите, биле во фокусот на средбата на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис со претседателот на УЕФА Александар Чеферин, претседателот на Африканската фудбалска конфедерација Патрис Моцепе, претседателот на Европска клупска асоцијација Насер Ал-Келаифи и Генералниот секретар на УЕФА, Теодорос Теодоридис, јави дописничката на МИА од Атина.

Претседателите на УЕФА, ЦАФ и ЕЦА, кои се во Атина по повод 31 Генерално собрание на Европска клупска асоцијација, беа примени од Мицотакис во Премиерската палата, а како што соопштија од неговиот кабинет разговарале за ситуацијата во грчкиот фудбал, односно за мерките што ги спроведе Грција: дигиталната идентификација на билетите на навивачите, безбедносниот надзорен систем со камери на стадионите и автоматското изрекување казни во случај на откривање прекршоци.

Било истакнато дека однесувањето на навивачите веќе е на ниво на големите европски стадиони, а во исто време дека значително е подобрен квалитетот на грчките лиги и нивото на натпреварување.

Чеферин, како што информираа од кабинетот на Мицотакис, ѝ честитал на Грција за постигнатиот напредок.

Биле разгледани и најдобрите практики за развој на млади спортисти, како и за можностите за соработка со африканските клубови во оваа област.

Паралелно, сите учесници на состанокот изразиле жалење за смртта на фудбалерот на Панатинаикос и член на грчката репрезентација Џорџ Балдок, кој доцна синоќа беше пронајден мртов во базенот во неговиот дом во Атина. ср/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан