• четврток, 26 декември 2024

Систематски археолошки истражувања, тековно одржување и конзервација на движни наоди од локалитетот Скупи

Систематски археолошки истражувања, тековно одржување и конзервација на движни наоди од локалитетот Скупи
Скопје, 30 април 2021 (МИА) - Активности поврзани со тековно одржување и систематски археолошки истражувања на две локации од локалитетот Скупи, како и непосредна заштита/конзервација на дел од движните археолошки наоди, на едно од најголемите и највредни археолошки наоѓалишта од римско и доцноантичкото време кај нас, започнува од 5 мај годинава, информираат од Министерството за култура. Проектите се предвидени во Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес од областа на музејска дејност и заштитата на недвижното културно наследство на Министерството за култура, а ќе ги реализираат стручни екипи на ЈУ Музеј на град Скопје до 30 декември годинава. Под водство на Марина Ончевска-Тодоровска – археолог, кустос советник – ќе се реализира проектот: Скупи – комплекс голем термален објект и голема ранохристијанска базилика со атриум, кој превидува археолошко истражување на централното градско јадро, на простор од еден градски кварт во кој се сместени двата големи објекта - римската империјална терма и ранохристијанската базилика со атриум. На втората локација, под водство на Ленче Јованова – археолог, кустос советник – ќе се реализира проектот: Скупи – комплекс Градска вила (Villa urbana)  и Базилика со крстилница, кој предвидува систематски археолошки ископувања на културната стратиграфија на две градби од централното градско подрачје на римската колонија Скупи: Градска вила која егзистирала од империјалниот до доцноантичкиот период и Ранохристијанска базилика со крстилница од VI век. Стручните екипи на Музејот на град Скопје ќе изведуваат и активности поврзани со конзервација на многуброен движен археолошки материјал, откриен на повеќе локации од локалитетот Скупи во претходните години, покрај тоа, ќе се преземаат и активности за тековно и сезонско одржување на локалитетот со отстранување трева и дива вегетација, кои, поради природата на проектот се одвиваат во текот на целата година. Сите активности, информираат од Министерството за култура, се реализираат на дел од заштитеното подрачје од локалитетот, односно на делот со регулирани имотно-правни односи, кој е во владение на ЈУ Музеј на град Скопје (т. н. Археолошки парк Скупи). аа/лв/

Остани поврзан