• четврток, 26 декември 2024

Сирија: Терористичката група „Исламска држава“ убила над 4000 луѓе од поразот во 2019 година

Сирија: Терористичката група „Исламска држава“ убила над 4000 луѓе од поразот во 2019 година

Дамаск, 29 јуни 2024 (МИА) - Џихадистите од терористичката група Исламска држава (ИД) убиле околу 4100 луѓе во Сирија откако го загубија своето последно упориште во земјата во 2019 година, соопшти денеска Сириската опсерваторија за мониторинг на човекови права (СОЧП).

ИД презеде контрола над делови од Сирија и Ирак во 2014 година, прогласувајќи калифат и наметнувајќи режим на терор пред да биде поразена во 2019 година од меѓународната коалиција предводена од САД и курдските сили.

По територијалниот пораз, џихадистите се повлекоа во огромната сириска пустина и продолжуваат со смртоносни напади, главно насочени кон армијата и силите доминирани од Курдите.

Од 2019 година, борците на ИД убиле околу 4100 луѓе во повеќе од 2550 операции во областите под контрола на режимот или под контрола на полуавтономната курдска управа, соопшти Опсерваторијата.

Повеќето од жртвите се војници, но бројот на жртви, исто така, вклучува 627 цивили, наведува СОЧП, чија седиште е во Обединетото Кралство, но има широка мрежа на извори низ Сирија.

Едвај поминува ден без напад, заседа, целна операција или изненаден напад од џихадистите во регионот, истакнува организацијата додека режимските сили и групите што ги поддржуваат редовно спроведуваат безбедносни операции во пустината, со поддршка на руските воени авиони.

ИД претрпе тешки загуби со повеќе од 2000 убиени џихадисти, вклучувајќи водечки функционери, наведува СОЧП.

Извештајот на Обединетите нации објавен во јануари проценува дека бројот на борци на ИД во Ирак и Сирија се движи од 3000 до 5000.

Во граѓанската војна во Сирија, која избувна во 2011 година по бруталната репресија на владата врз продемократските демонстрации, загинаа над половина милион луѓе, што ја подели земјата. ссм/

фото: архива

Остани поврзан