• среда, 18 декември 2024

Сириските бунтовници тврдат дека се „пред вратите на Дамаск“

Сириските бунтовници тврдат дека се „пред вратите на Дамаск“

Дамаск, 7 декември 2024 (МИА) - Во соопштение објавено нешто по 19 часот по локално време, антирежимската Слободна сириска армија соопшти дека нејзините борци се „пред портите“ на главниот град на Сирија.

Сириските бунтовници ја започнаа својата офанзива во Дара, на југот на земјата, рано утрината. За нешто повеќе од еден ден освоија територии во јужниот рурален регион и сега се на околу 10 километри од центарот на Дамаск.

Видео снимки што ги геолокализираше Си-Ен-Ен покажуваат дека бунтовниците се активни во неколку џебови на надворешните јужни предградија на Дамаск.

Во Моадамје, само 10 километри југозападно од центарот на градот, жителите славеа на улиците откако ги протераа режимските сили од нивното предградие, кое е во близина на воен аеродром. Бунтовниците исто така ја презедоа контролата над Дараја, западно од Моадамје.

Во Џарамана, на југоисток, жителите претходно ја урнаа огромната скулптура на таткото на сирискиот претседател Башар ал-Асад, поранешниот претседател Хафез ал-Асад.

Би-Би-Си разговараше со Рим Туркмани, директорка на Програмата за истражување на конфликти во Сирија на Лондонската школа за економија. Таа била во контакт со својата сестра во Дамаск, која изјавила дека многу продавници се затвораат, резервите се при крај, а во банкоматите нема готовина. - Никој не знае што се случува, вели Туркмани. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан