Сириските бунтовници соопштија дека почнале офанзива врз градот Хама
- Сириските бунтовници денеска соопштија дека почнале офанзива врз градот Хама, но во меѓувреме, сириските државни медиуми јавија дека сите напори на бунтовниците да влезат во градот пропаднале и оти сириската армија ги враќа назад.
Дамаск, 5 декември 2024 (МИА) – Сириските бунтовници денеска соопштија дека почнале офанзива врз градот Хама, но во меѓувреме, сириските државни медиуми јавија дека сите напори на бунтовниците да влезат во градот пропаднале и оти сириската армија ги враќа назад.
Сириските бунтовници кои се борат против силите лојални на претседателот Башар ал Асад, ја напаѓаат централната провинција Хама и истоимениот град по заземањето на Алепо, заканувајќи се дека ќе ги пресечат владините трупи од клучната рута што го поврзува главниот град Дамаск со Алепо.
Хама беше упориште на опозицијата на владата на Асад кога за прв пат избувнаа продемократски протести за време на Арапската пролет во 2011 година, пишува Гардијан, додавајќи дека жестоката реакција на безбедносните сили на мирните протести доведе до вооружување на опозицијата, што беше проследено со долготрајна граѓанска војна.
Изненадното заземање на Алепо е најсериозниот предизвик што бунтовниците му го поставија на Асад во последните години.
Во борбите учествуваат и бунтовнички групи поддржани од Турција.
ОН соопштија дека речиси 50.000 луѓе се раселени поради последните борби, во кои од крајот на ноември загинаа стотици луѓе, главно борци.
Русија, заедно со Иран, е главниот сојузник на Асад и влезе во сириската граѓанска војна во 2015 година, додека милитантната група ХТС се бори заедно со бунтовничките групи поддржани од Турција. јт/
Фото: МИА архива