• среда, 18 декември 2024

СИРИЗА за изјавата на Мицкоски: Го осудуваме новото провокативно прекршување на Договорот од Преспа

СИРИЗА за изјавата на Мицкоски: Го осудуваме новото провокативно прекршување на Договорот од Преспа

Атина, 16 мај 2024 (МИА) – СИРИЗА категорично го осудува новото провокативно прекршување на Договорот од Преспа од претседателот на ВМРО, господинот Христијан Мицкоски и го повикуваме конечно да се усогласи со меѓународното право, соопштија вечерва од грчката опозициска партија, јави дописничката на МИА од Атина.

Во соопштението за денешната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, од СИРИЗА велат дека „сакаат да го потсетат на принципот на меѓународното право „pacta sunt servanda“ (договорите се обврзувачки и треба да се почитуваат), како и на предвидените санкции што произлегуваат од меѓународното право при континуираното прекршување на Договорот од Преспа“.

Потсетуваат и дека Договорот е предуслов за членство на Северна Македонија во Европската Унија и паралелно упатуваат апел, но и критики до актуелната грчка Влада.

-Ја повикуваме Владата на Мицотакис да ги преземе потребните активности како што е предвидено со Договорот од Преспа и веднаш да го интернационализира прашањето со што новото раководство на Северна Македонија ќе се соочи со своите одговорности пред меѓународната заедница во случај да продолжи да го прекршува Договорот, пишува во соопштението од СИРИЗА.

Велат дека и Владата на Нова Демократија сноси одговорности поради „нејзината неодговорна надворешна политика“, бидејќи, како што посочуваат не направила ништо во одредени области како што се ратификација на меморандумите и свикување на Високиот совет за соработка, но и „не изврши притисок за да гарантира дека Северна Македонија ќе ги спроведе своите обврски за учебниците, трговските марки, пасошите и регистарските таблици“. 

-Единствено што направи во изминатите години беше да избегне каква било активна вмешаност со Договорот за да ја одржи внатрепартиската рамнотежа. Навистина е жално што Договорот што го постигнаа прогресивните сили во Грција и Северна Македонија, кој е споменик на соработка и разбирање за цела Југоисточна Европа, се доведува во сомнеж од двете сестрински партии во ЕПП, со цел да ги привлечат националистичките публики, тактика која со текот на времето ја хранеше омразата меѓу балканските народи, соопштуваат од СИРИЗА. ср/аа/

Остани поврзан