• четврток, 26 декември 2024

СИРИЗА бара од грчката Влада официјално да биде информирана за средбата Мицотакис- Ердоган

СИРИЗА бара од грчката Влада официјално да биде информирана за средбата Мицотакис- Ердоган
Атина, 14 март 2022 (МИА) – Грчката опозициска партија СИРИЗА бара официјално да биде информирана од Владата за вчерашната средба во Истанбул на премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис со претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган и истакнува дека „потребата од структурирана национална стратегија на грчко- турски е императив“, јави дописничката на МИА од Атина. Од СИРИЗА велат дека очекуваат официјални информации особено за поставените услови за организација на Високиот совет за соработка меѓу двете земји, како и за зајакнувањето на енергетската соработка. Паралелно потсетуваат дека над една година ја повикуваат Владата „да ја напушти дипломатијата на одолговлекување“ и додаваат дека „внатрешните противречности во Нова демократија и погрешната теорија за наводно изолираната Турција, резултираат дијалогот да се води со долго задоцнување и во време кога Турција забрзано ја надградува својата меѓународна и регионална улога“. -И под овие околности позитивно е да се отвораат каналите за комуникација на највисоко ниво. Сепак, овие средби како резултат би требало да имаат стабилно намалување на тензиите, а не само да бидат уште една можност за Турција дополнително да ја зајакне својата меѓународна слика до следната криза. Во секој случај, потребата од структурирана национална стратегија во грчко- турски е императив, соопштуваат од СИРИЗА. Грчкиот премиер, по средбата со турскиот претседател рече дека разговорите поминале во добра клима, постоела отворена и искрена дискусија, истакна дека верува дека се поставени темелите за подобрување на односите и изрази уверување дека ако сè биде во ред, на есен Грција би можела да го свика Високиот совет за соработка меѓу двете земји. ср/ссм/

Остани поврзан