• сабота, 06 декември 2025

Синоличка Трпкова ќе ја промовира својата прва прозна книга, „Никогаш не кажувам“

Синоличка Трпкова ќе ја промовира својата прва прозна книга, „Никогаш не кажувам“
Скопје, 11 ноември 2021 (МИА) - Книжевниот првенец на познатата актерка и професорка Синоличка Трпкова, „Никогаш не кажувам“, ќе биде промовиран вечер во книжарницата Literatura.mk Superstore во „Скопје сити мол“. Промоторка на книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде уредничката Оливера Ќорвезироска. - „Никогаш не кажувам“ е куса проза со есеистички поттекст. Нејзината организација во пет одделни циклуси и воведна, програмска приказна со ист наслов како и самата книга, го структурира читањето, формирајќи одделни островчиња на интерес, како на авторката, така и на потенцијалниот читател. Започнува со крајно лични приказни со острицата на ножот вперена во раскажувачкото јас; со син и ќерка, со состојба во која „раскажувачот“ е родител; продолжува во втора целина кога „раскажувачот“ е дете; третиот циклус е мешавина и од едното и од другото, вител од родители и деца, од минато и сегашност измешани во некакво трајно постоење, наведуваат од Арс Ламина. Во него, додаваат, се реферира на луѓе од секојдневието, на јавни и обични личности вмрежени во емоционалниот координатен систем на авторката. - Наидуваме на омажи, вистински медалјони за Данчо Чеврески, но и за другарката Соња; во оваа книга „гостуваат“ и Слободан Унковски и Марјан Алчевски, но и мириси, вкусови и одамна починати деца во една болница во Франција – митскиот топос на Синоличка, точката во која е забиена боцката на нејзиниот емоционален шестар. Четвртиот циклус е опфат на нашето актуелно време, еден автентичен поглед на пандемијата прекршен низ лично огледало. Последниот, петтиот циклус е есеизирање на книжевното од претходните четири. Се разликува дури и по насловувањата, посочуваат од Арс Ламина. Синоличка (Ноли) Tрпкова е филмска, телевизиска и театарска актерка. Долгогодишна професорка е на Факултетот за драмски уметности по предметот Актерска игра пред камера и е авторка на учебник на оваа тема, единствен на македонски јазик. Позната е и како колумнист, авторка и водителка на образовен телевизиски серијал; препознатлив глас „на совеста” на социјалните мрежи, каде што често го кажува јасно и прецизно она што другите го мислат. мс/вг/

Остани поврзан