• сабота, 23 ноември 2024

Синдикат на „Еуроникел": Очекуваме нов инвеститор, ќе бараме стечај ако не добиеме три плати до 15 јануари

Синдикат на „Еуроникел

Кавадарци, 29 декември 2023 (МИА) - Очекуваме нов инвеститор, денеска е денот ,,д" кога банката доверител што го поседува имотот на фабриката, треба да ни соопшти дали е најден инвеститор за овој комбинат за фероникел и каква судбина не чека нас околу 800 работници. Вака информираше денеска за МИА, Миле Ѓорѓиев, претседател на синдикалната организација во „Еуроникел индустри", поранешно „Фени".

Тој појасни дека Синдикатот е тој што ќе побара стечај, ако не ги добијат трите заостанати плати до 15 јануари.

-Ќе бидеме принудени на тоа, за да можат работниците да добијат барем здравствено осигурување и стечајните надоместоци што ги дава државата во такви случаи. Никој од нас не сака да запре печката, но тоа не зависи од нас. Ја известивме банката дека, доколку сака наши стручни лица да ја одржуваат печката после Нова година, ќе мора да исплати барем по две плати, вели Ѓорѓиев. 

Како што рече, жално е што ова му се случува на гигантот на кавадаречката и македонската економија од кој директно и индиректно живеат илјадници семејства, а последиците од неработењето веќе се чувствуваат во градот и Тиквешијата. 

Ѓорѓиев потсети дека на неколку пати оваа година, синдикалната организација организираше протести, барајќи одговори од странските газди што со судбината на фабриката. 

- Пред извесен период банка доверител се стекна со имотот на комбинатот и ние искрено се надеваме дека сепак ќе се најде инвеститор, што повторно ќе ја разработи фабриката што постои 46 години, додаде Ѓорѓиев. свд/сст/

Фото МИА архива 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан