• среда, 25 декември 2024

Синдикатот на полиција во Македонија поднесе кривична пријава против поранешниот министер за внатрешни работи

Синдикатот на полиција во Македонија поднесе кривична пријава против поранешниот министер за внатрешни работи

Скопје, 26 јуни 2024 (МИА) - Синдикатот на полиција во Македонија денеска до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против лицата О.С., во момент на сторување на кривичното дело министер за внатрешни работи, и Д.Ч. во моментов актуелна претседателка на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, заради основано сомнение за сторени две кривични дела – „повреда на право од работен однос“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“.

-По претходно спроведена постапка за утврдување на дисциплинска одговорност на работник во МВР за полесна повреда на кршење на работна дисциплина првопријавениот во својство на министер изготвил решение што во ниту еден случај не смеел да го изготви, а после тоа изготвил и решение со кое на работникот В.Р. и врачил отказ, изјави Орце Коцевски, претседател на Синдикатот на полиција во Македонија, на денешната прес-конференција пред ОЈО Скопје.

Второ пријавената, пак, како што кажа, во својство на претседателка на Комисијата, решавајќи по приговор изготвила решение со кое приговорот по незаконското решение го одбила како неосновано. 

-Бараме ОЈО Скопје да ја земе во предвид оваа и сите наши претходни пријави, сериозно да ги разгледаат и веќе конечно да поведат постапка против наведените лица, односно да дадат обвинителен предлог и да почне да се спроведува правдата во Македонија, рече Коцевски. 

Нагласи дека како синдикат во јавноста веќе две-три години зборуваат дека во последните неколку години во времето на владеење на поранешниот министер за внатрешни работи незаконски се издадени преку 25 илјади решенија.

-Станува збор за преку 25 илјади решенија за распоредување од чие изготвување според  официјалната пресметката е сторена штета на буџетот на МВР од преку 25 милиони евра. Се надевам дека ОЈО ќе има сериозна работа пред себе, сериозен предизвик и дека сета оваа работа вклучително и денешнава ќе излезе пред јавноста за многу брзо време, посочи Коцевски. вј/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан