• недела, 24 ноември 2024

Синдикатите и невладините организации потпишаа декларација „Плата за живот“

Синдикатите и невладините организации потпишаа декларација „Плата за живот“

Штип, 8 октомври 2022 (МИА) - Синдикатите и невладините организации ја потпишаа декларацијата „Плата за живот“ на шестата „Текстилијада“, која е организирана од Здружението „Гласен Текстилец“-Штип.

Тие бараат промена на формулата за формирање и на минималната плата. Ова барање е на ниво на регион, а истражувањата на синдикатите и невладините покажуваат дека мининималната плата во земјите на Источна и Југоисточна Европа е  25 проценти од платата за достоинствен живот на работниците,  а две третини од границата на сиромаштија во ЕУ.

Жељко Веселиновиќ, претседател синдикатот „Слога“ во Србија, вели дека според истражувањето речиси исти се проблемите на работниците во двете земји - и во поглед на инфлацијата, платите, притисоците врз синдикатите и невладините, како и во однос на судовите кон работниците, кога ја бараат правдата за своите права. Посочи дека платата за живот е за достоинствен живот, а не за преживување.

-Тука мора да се пресмета да има доволно пари да се прехрани едно четиричлено семејство, да можат на децата да им се купат патики, чевли, да можат да платат комуналии, интернет, телефони. Се она што е нормално во 21 век. Да издвојат за култура, театар, кино, да купат гардероба и да им остане 10 отсто да можат да заштедат, тоа е плата за живот, изјави Веселиновиќ.

Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“-Штип посочи дека лани  платата за живот во земјава изнесувала 52.000 денари или речиси три минимални плати, а за оваа година кон крајот на месецов ќе се пресмета за годинава и за наредната година. Очекува пресметката да биде над 60.000 денари.

Шестото издание на „Текстилијада“ завршува со пикник за работниците на античкиот град Баргала и промоција на стрипот „Супер работничка“. Стрипот е дело на уметникот Никола Костовски, а настанот ќе се одржи во 19 часот во Дом на млади-Штип. вдј/хс/

Остани поврзан