• четврток, 26 декември 2024

Синдикалната кошница во мај зголемена за речиси три илјади денари во однос на јануари

Синдикалната кошница во мај зголемена за речиси три илјади денари во однос на јануари
Скопје, 8 јуни 2022 (МИА) - Минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство во мај се зголемиле за 2.980 денари во однос на јануари, покажуваат пресметките што секој месец ги прави Сојузот на синдикати на Македонија, изработувајќи ја синдикалната минимална кошница. Според објавените податоци, синдикалната кошница во мај изнесувала 38.791 денар и е зголемена за 8,32 проценти во споредба со јануари годинава. За една година, односно во споредба со мај лани зголемувањето е за 4.635 денари или за 12,78 проценти. Според анализата на ССМ, најголемо зголемување има кај исхраната и пијалоците. - Од месец во месец, драстично се зголемуваат трошоците за живот на едно четиричлено семејно домаќинство, а платите не го следат истиот раст. Истото го покажува и самата пресметка на синдикалната минимална кошница што ССМ ја пресметува  секој месец. Затоа ССМ со право бара зголемување на платите на сите вработени, како во јавниот, така и во приватниот сектор и покрај евидентните  противања на одредени субјекти кои се против зголемување на платите на работниците, велат од ССМ. Синдикатот бара оваа пресметка на синдикалната минимална кошница, како и зголемувањето на трошоците за живот, да бидат причина за веднаш да се пристапи кон склучување на Општиот колективен договор за јавен сектор со зголемување на платите на работниците согласно порастот на минималната плата и платите да се зголемат за најмалку 2806  денари во нето износ.Во спротивно, како што посочува ССМ, ќе бидат приморани да стапат во генерален штрајк кој е најавен за 22 овој месец. бак/лв/

Остани поврзан