• четврток, 26 декември 2024

Симулација на користењето на уредот за биометриска идентификација на гласачи со отпечаток од прст

Симулација на користењето на уредот за биометриска идентификација на гласачи со отпечаток од прст
Скопје, 7 октомври 2021 (МИА) - Со цел информирање на сите заинтересирани околу тоа како ќе тече изборниот процес со користење на уредите за биометриска идентификација на гласачи со отпечаток од прст, кои првпат ќе се применуваат на претстојните Локални избори, Државната изборна комисија денеска организира симулација на постапката на гласање и презентација на уредите. Симулацијата ќе ги опфати и сите други постапки при процесот на гласање, со примена на мерките за заштита од ширење на Ковид 19. Уредите за биометриска идентификација на гласачите функционираат на тој начин што ги паметат сите податоци од избирачкото место, почнувајќи од тоа кој ракувал со него, колку гласачи се верификувани со отпечаток од прст, колкупати имало обиди за идентификација на еден гласач. Според упатството, она што гласачите на избирачкото место треба да го направат е својот десен показалец да го стават на читачот на уредот за биометриска идентификација, по што уредот доколку гласачот претходно нема гласано и доколку е запишан во изводот од Избирачкиот список за тоа избирачко место, ќе ги прикаже податоците од тој гласач на екранот по што нему ќе му биде дозволено да гласа.   Доколку, пак, уредот за биометриска идентификација не може да најде совпаѓање на отпечатокот од прстот на гласачот, во тој случај покажува жолт сигнал дека не е пронајдено совпаѓање или дека евентуално печатокот е со лош квалитет, во тој случај може избирачкиот одбор да пристапи кон идентификација на гласачот со скенирање на личниот документ. Ако веќе бил обележан дека гласал системот ги прикажува со црвено и сигнализира со аларм така што нема да му биде дозволено да гласа. Личниот идентитет гласачот го докажува со важечки лична карта или патна исправа односно лична карта чија важност истекла во периодот од распишувањето на изборите до денот на нивното одржување и патна исправа чиј рок на важење е истечен односно истекува по 31 јули 2020 чија важност се продолжува до 31 декември 2021 година и отпечаток од прсти. За потребите на 3480 избирачки одбори, планирано е да бидат набавени 4000 терминали. До крајот на неделата во земјата треба да пристигнат сите терминали набавени од германската компанија „Дермалог“. Локалните избори ќе се одржат на 17 октомври. свс/ев/

Остани поврзан