• среда, 25 декември 2024

„Симулациската вежба за размена на информации во реално време“ во Охрид

„Симулациската вежба за размена на информации во реално време“ во Охрид
Скопје, 15 септември 2021 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во Охрид имаше обраќање на „Симулациската вежба за размена на информации во реално време“ организирана со координација на Министерството за внатрешни работи и Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Оваа симулациска вежба е исклучително успешна и корисна, истакнал тој пред учесниците од земјите од Западен Балкан, амбасадорот на мисијата на ОБСЕ во Скопје Клеменс Која, високите претставници на делегацијата на МВР на Република Чешка и претставници на проектот ИПА 2019 за борба против сериозниот криминал во Западен Балкан. - Предизвиците со кои се соочуваат државите од регионот и пошироко во насока на сузбивање на транснационалниот организиран криминал, од година во година стануваат се покомплексни и налагаат продлабочување на меѓународната полициска соработка во делот на сузбивање на меѓународните организирани криминални групи инволвирани во различни видови криминал. Во овој контекст и Република Северна Македонија заедно со земјите од регионот, ја препознава важноста од интензивна полициска соработка и ефикасна и ефективна размена на информации. Зајакнувањето на овој вид соработка, претставува приоритет врз основа на кој се надградува безбедносната и политичката стабилност на државите во Европа, нагласил министерот Спасовски, се наведува во соопштението од МВР. Имајќи го ова предвид, подвлекол тој, Министерството за внатрешни работи било иницијатор за спроведување на оваа вежба како еден дополнителен напор за потврдување на добрите пракси и евентуално, утврдување на областите во размената на информации каде што постои простор за подобрување. Министерот Спасовски потенцирал дека на регионален и меѓународен план, МВР изминатите години активно учествувало во размената на информации и спроведување на меѓународни истраги за организиран криминал и сузбивање на организирани криминални групи од меѓународни размери, како по сопствени иницијативи, така и со партиципирање во иницијативи на други држави, при што оствари интензивна соработка не само со земјите од регионот, туку и со земјите од ЕУ. - Како домаќин на овој настан, Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија исполнува дел од задачите утврдени во рамки на Управната група за преземени обврски од областа на безбедност формирана како дел од Берлинскиот процес, со која годинава заеднички претседаваме со Обединетото Кралство, рекол Спасовски. Тој изразил очекување дека извештајот што ќе го изготват претставниците на регионалниот проект за борба против организиран криминал ИПА2019 ќе укаже на евентуалните недостатоци и ќе даде препораки за нивно надминување, но исто така ќе ги потенцира и добрите пракси и искуства кои што ги користат земјите од нашиот регион. Спасовски уште еднаш изразил голема благодарност до Мисијата на ОБСЕ за нивната перманентна поддршка и партнерство со МВР. Во рамки на „Симулациската вежба за размена на информации во реално време“, присутните ја проследиле и симулираната полициска операција на Специјалната антитерористичка единица – Тигар, која ја заокружила вежбата и ги ефектурала резултатите од неа, а во која полициските службеници се справуваат со терористи кои напаѓаат објект на критична инфраструктура употребувајќи нелегално оружје. цр/ац/  

Остани поврзан