• четврток, 26 декември 2024

Симпозиум за современите предизвици на филозофијата

Симпозиум за современите предизвици на филозофијата
Скопје, 17 ноември 2022 (МИА) - Со дводневен симпозиум на тема „Современите предизвици на филозофијата и/на науката“, Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје и Филозофското друштво на Македонија по 19 пат го одбележуваат Светскиот ден на филозофијата. Настанот го отвори деканот на Филозофскиот факултет на УКИМ, Ратко Дуев, кој рече дека на овој ден се слави мудроста и меѓу пораките коишто се праќаат на Светскиот ден на филозофијата е дека луѓето што се занимаваат со неа никогаш не се во негативна состојба бидејќи секогаш носат перспектива. - Како што рекол Платон: Мудрите луѓе зборуваат затоа што имаат што да кажат, а неумните затоа што треба нешто да кажат, рече Дуев. Пригодно обраќање за смислата на филозофијата имаше Ернесто Хередеро дел Кампо, филозоф, заменик-амбасадор и аташе за култура на Шпанија во Скопје, специјален гостин на годинашното чествување на  Светскиот ден на филозофијата. - Убеден сум дека филозофијата не служи за ништо, односно дека таа не е алат, и со тоа не се кажува нешто лошо за неа туку, напротив, таа се сместува во доменот на големите нешта на човечкиот дух кои не треба да имаат некоја конкретна употреба. Која е употребата на музиката или на уметноста воопшто? „Филозофијата е слободна наука која се служи себеси“ – вели Аристотел во „Метафизика“ или, според шпанскиот филозоф Хулијан Маријас, - филозофијата  е човечко дејствување, нешто што човекот го прави, состојба на човечкиот живот, радикална вистина која се оправдува себеси, рече Дел Кампо во неговото излагање. Настанот го отвори Љупчо Митковски, претседател на Филозофското друштво на Македонија, кој зборувајќи за историјатот рече дека денот е востановен од УНЕСКО во 2002 и во третиот четврток од ноември секоја година се промовираат универзалните вредности и придобивките на филозофијата. Тој посочи дека УНЕСКО во седиштето во Париз вчера, заедно со Националната галерија за современи уметности - Le Fresnoy, отвори симпозиум и изложба на тема „Човекот на иднината“ (The Human of the Future). На симпозиумот во три блок сесии учествуваат четиринаесет филозофи, научници, професори и истражувачи од земјава и од странство. Утре, на вториот ден од одбележувањето на Светскиот ден на филозофијата, ќе бидат промовирани неколку изданија – два нови броја од  списанието „Филозофска трибина“, зборникот „Логос и тропос“ и студијата „Естетика: естетички категории“. Настанот денеска беше збогатен и со концерт на студенти по гитара од Факултетот за музичка уметност на УКИМ, од класата на проф. м-р Дарко Багески. хс/сп/

Остани поврзан