• сабота, 23 ноември 2024

Силјановска: Мислам дека е последен момент да сториме нешто за да си ја вратиме гордоста

Силјановска: Мислам дека е последен момент да сториме нешто за да си ја вратиме гордоста

Кавадарци, 6 април 2024 (МИА) - Исплашени се пред овие избори. Не верувајте им на зборовите, туку само на делата, рече кандидатката за претседател на државата, Гордана Силјановска Давкова, на митинг на ВМРО - ДПМНЕ и коалицијата во Кавадарци, нагласувајќи дека ќе прави нешта, што не ги правел досегашниот претседател. Меѓу другото, доближување до граѓаните преку народни канцеларии. 

Таа говореше за досегашните проблеми во повеќе области. 

- Затоа мислам дека е последен момент да сториме нешто за да си ја вратиме гордоста, а имаме ние многу нешта што можат да не прават горди, рече таа, истакнувајќи дека досегашната власт, мора да си замине. Никогаш не сме биле поразединети, подвлече Силјановска Давкова. 

Силјановска зборуваше и за заштитата на животната средина, тоа, што, како што рече, најмногу ја засега.

Во рамките на кампањата за претседател на државата, во својот говор на предизборниот митинг во Неготино, кандидатката за претседател од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, се спротивстави на мислата на филозофот Хегел, кој смета дека секој народ ја заслужува својата власт. Според неа, Хегел не е во право, затоа што Македонците заслужуваат подобар претседател и премиер од тие што сега ги водат. 

- Оваа држава е далеку од правна држава, државата ни е партиска! Мислам дека вие не ја заслужувате оваа власт, тоа треба да се смени и по овие претседателски избори ветувам дека ќе го сторам она што го очекувате од мене. Секој ден ќе ви докажувам дека мојот легитимитет извира од вас, а не од некој друг, рече таа. 

Таа нагласи дека сега постојат две држави во една, две собранија, два премиера. - И за тоа вината е и кај шефот на државата. Негова улога е да обединува и да помирува, да гради единство меѓу власта и опозоцијата, меѓу мажите и жените, меѓу лицата со попреченост и другите,  нагласи таа. 

Според Силјановска Давкова, сликата за Македонија во светот ја даваат државните претставници „и затоа сме држава што не ужива углед во светот“.  

- Се плашам кога сегашните државни претставници се среќаваат со странци и се прашувам што ли ќе кажат, дали ќе стојат на ставот. Одат со еден став, се враќаат со друг став, а потоа воопшто немаат никаков став и затоа не заслужуваат почит. Граѓанките и граѓаните на Неготино не заслужуваат ваква власт, изјави Силјановска Давкова во Неготино.

Според неа,  сликата за државата е сликата на претседателот, премиерот, спикерот, амбасадорите, претседателката на врховниот или уставниот суд.

- Претседателот има директна одговорност за лошата слика за земјата во светот, затоа што тој ги потпишува указите за амбасадорите. Претседателот има одговорност за правосудството затоа што таму предлага членови на Судскиот совет. За уставниот суд каде исто така предлага членови, исто така има вина, затоа што нашиот највисок суд не е познат како бранител на човекови права и слободи,, порача кандидатката Гордана Силјановска Давкова од Неготино. 

Стево Пендаровски ќе остане запаметен по тоа што, тој е коментатор кој коментира состојби кои се случиле, а никако да преземе нешто за да ги промени околностите, истакна вечерва претседателот на ВМРО - ДПМНЕ Христијан Мицкоски. 

На митинзите во Неготино и Кавадарци, Мицкоски рече дека овие избори се и шанса за избор на претседател каков Македонија вистински заслужува.

- Овој што сега го имаме е човек кој за себе вели дека доколку не е претседател сам ќе си заминел од државата, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, во обраќањето пред присутните на митинзите, во рамките на изборната кампања за избор на претседател.Треба да се засрами, рече тој за Пендаровски. 

Мицкоски упати низа критики кон досегашната власт, која, како што нагласи, има недостаток на реални проекти. 

Оваа бројка на присутни на градскиот плоштад во Кавадарци,  значи победа, рече Александар Николоски, носител на листа на кандидати за пратеници  од ВМРО - ДПМНЕ и коалицијата, во четвртата изборна единица. Тој рече дека народот сака промени. Најави најдобар резултат досега во оваа единица, критикувајќи ја власта во изминатите седум години и најавувајќи одговорност после избори. Повика на масовност на изборите. свд/аа/


Фото: МИА

Остани поврзан