Силјановска Давкова: Нам ни недостасува уставен патриотизам
- Идентитетот не се врзува за историјата или за културата, туку се врзува за принципите и вредностите. Европски е да ги потсетите оние од Европската Унија на темелните вредности и принципи. Ако тие така се однесуваат, тогаш ние ќе веруваме во иднината во Европската Унија, рече претседателската кандидатка Гордана Силјановска Давкова на вечерашното обраќање од плоштадот „Методија Андонов Ченто“ во центарот на Прилеп.
Прилеп, 15 април 2024 (МИА) - Идентитетот не се врзува за историјата или за културата, туку се врзува за принципите и вредностите. Европски е да ги потсетите оние од Европската Унија на темелните вредности и принципи. Ако тие така се однесуваат, тогаш ние ќе веруваме во иднината во Европската Унија, рече претседателската кандидатка Гордана Силјановска Давкова на вечерашното обраќање од плоштадот „Методија Андонов Ченто“ во центарот на Прилеп.
-Европската Унија е супериорна со почитување на европските вредности и принципи. Нам ни треба нешто, а тоа е уставен патриотизам. Тоа не значи да се колнете во Уставот и не значи и дека треба постојано да го менувате, туку дека треба да ги браните принципите и вредностите на Уставот. Тоа е внатрешно прашање како што европскиот устав е важно прашање, мислам на договорот за ЕУ и на повелбата за основните права. Значи претседателот мора секогаш да ги потсетува сите и на домашниот Устав на националното право, ама и на меѓународното право и на европското право, рече Силјановска Давкова.
Процесот на интеграција, како што кажа, треба да се конкретизира, а тоа значи европски живот на македонска почва, европски стандарди на македонска почва, а не само заложби ЕУ и НАТО, проевропјани, антиевропјани. Анализирајте кој е за Европа според однесувањето, а кој е против. Тие ништо европско не прават.
-Претседателот мора, пред која било важна одлука за Македонија прво да дојде во парламентот, да се договори со опозицијата, со сите коалициони партнери, претходно со Владата. Само така ќе се однесува државнички. Истото го мислам за нашата надворешна политика. Не се прославивме со амбасадори. Претседателот, да, ги назначува, но тој нема тука дискреционо право оние кои лидерот на партијата, или оние од партијата ќе му ги предложат да ги испрати надвор, дури и без да го праша Собранието. Моите предлози за амбасадори ќе бидат врзани за оние кои не само што го исполнуваат просекот, туку се над него, рече Силјановска Давкова.
Мора, додаде, да има народни канцеларии преку кои претседателот ќе ги слушне проблемите на граѓаните и нивните сугестии. Претседателот има важна обврска и во креирањето на независното судство преку Судскиот совет. Околу претседателот мора да има совет за млади.
-Состојбата во која се наоѓаме е далеку од европска, далеку од европските стандарди. Нема владеење на правото, туку има владеење на една мала група луѓе. Власта е концентрирана не само во неколкумина, туку само во Владата. Ако нема креирани политики, нема да има и реализирани програми. И затоа стигна оценката од Фридам хаус која вели „цикличен хибриден режим кој се врти во круг. Ни се случува зависно, политизирано и партизирано судство, ни се случува Уставен суд што не ги штити уставот и законите. Имаме слаби институции, а пресилни поединци. Мора да дојдат одговорни луѓе. Ако ме прашате што можам да направам јас, ќе ви кажам – она што не го направи претседателот, рече Силјановска Давкова.
Нагласи дека говорот на омраза не доликува на ниту една сериозна партија, ама не доликува воопшто на социјалдемократска партија.
-Тоа е говор на некоја крајна десница што се служи со патријархалност и парохијалност, а така гледа на жените и на возрасните. За мене возраста значи мудрост, знаење, искуство. Не плашете се за мене, јас сум сосема во ред, и психички, и физички. Орна сум за дебата, ама нема кандидати за дебата. Само најавуваат, ама никако да се појават пред одговорни новинари, рече Силјановска Давкова.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски нагласи дека професорката Силјановска Давкова е решението за претседател на државата.
-Таа е жена со принципи која непоколебливо верува во правдата, во вредностите и во Македонија, која има свој став, кој може да му се допаѓа некому или не, но таа до крај се бори за него, затоа што верува во него, рече Мицкоски.
Гордана Силјановска Давкова, додаде, покажа лојалност кон своите принципи и е еден од најдобрите експерти и познавачи на уставното право и политичкиот систем, работи кои овие години најмногу ги газеше немилосрдно оваа власт.
-На Македонија и треба претседател а не измеќар на ДУИ. Времињата се тешки, но изборот никогаш не бил појасен. Заокружувањето за бројот 2 и поддршката за Гордана Силјановска Давкова на овие избори за претседател подразбира значи избор за Македонија која ќе биде повторно горда, за Македонија која ќе има цврсти ставови и кичма која нема да се витка, им порача Мицкоски на прилепчани.ем/вј/
Фото: МИА