• недела, 10 ноември 2024

Силјановска-Давкова: Најважната битка која мора да почне на 24 април е борбата против корупцијата и криминалот

Силјановска-Давкова: Најважната битка која мора да почне на 24 април е борбата против корупцијата и криминалот

Скопје, 19 април 2024 (МИА) - Кандидатката за претседател од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силановска-Давкова вечерва од Крива Паланка порача дека најважната битка што мора да почне на 24 април е бескомпромисната борба против корупцијата и криминалот. 

- Ние кога го критикуваме ДУИ, не ги критикуваме Албанците. Кога ги критикуваме одлуките на коалицијата, не тргнуваме од етнички или верски пориви, туку од нивната длабока вмешаност во корупцијата и криминалот. Мислам дека најважната битка што мора да почне на 24-ти, а да биде потврдена со најголема можна брзина во иднина, е бескомпромисната борба со корупцијата и криминалот, рече Силјановска-Давкова.

Додаде дека ниту економијата, образованието, културата, земјоделството не може да се развиваат без правна држава во која сите ќе бидат под Уставот и законите.

Оцени дека државата не функционира како правна држава и дека треба стручноста и компететноста да бидат важечки критериуми за влез во било која професија. 

– Во последниот извештај на Фридом хаус до нас е упатена порака: – Крајно време е да престанеме да бидеме хибриден режим кој се врти во корупцијата и криминалот. Крајно време е стручноста и компетентноста да бидат важечките критериуми за влез во било која професија, за било која функција. Така не само што ќе ги задржиме најупешните и ќе ги охрабриме младите да останат тука, туку ќе се знае дека кој и да дојде на власт, државата ќе функционира, рече Силјаноска Давкова.

За својот противкандидат од коалицијата предводена од СДСМ Стево Пендаровски рече дека тој осум години повикувал на ветинг, но дека ништо не е сторено и дека е време граѓаните да му стават вето.  

- Осум години претседателот повикува на ветинг. Тоа значи или генерален реизбор или пак другата форма на ветинг, кога треба да се направи евалуација или реевалуација на сите кандидати во поглед на имотот или во поглед на стореното. Но, три пати да се залагате за нешто, а да не направите ни еден чекор кон тоа, мислам дека ве предупредува дека треба сами да си ставите вето на она што го ветувате, а не го исполнувате, рече Силјановска Давкова.

Истакнувајќи ја улогата на претседателот, рече дека пред Пендаровски поминале многу закони на кои тој морал да стави вето, но тој не го сторил тоа.

- Поминаа многу закони на кои мораше да им стави вето. Еден од најстрашните е оној за измени на Кривичниот законик. Значи, тој стана соученик во стимулирањето на криминалот. Зошто? Затоа што измислуваше најразлични аргументации зошто измените се добри, па споредуваше со Германија и слично. Но, факт е дека со тој ужасен закон, всушност обезбедија легализација на корупцијата и криминалот, односно, обезбедија заштита на корумпираните и на криминалците. Тоа нема да го дозволим, порача Силјановска Давкова. бак/нд/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан