• четврток, 12 февруари 2026

Силно невреме во Атина - на Пелопонез загина припадник на крајбрежната служба

Силно невреме во Атина - на Пелопонез загина припадник на крајбрежната служба

Атина, 21 јануари 2026 (МИА) – Силно невреме попладнево ја зафати областа Атика, поширокиот регион на Атина, а поради обилните врнежи од дожд поплавени се неколку улици и централни булевари, сообраќајот е во прекин, противпожарната служба интервенира за помош на заглавени лица, додека пак на Пелопонез, животот го загуби припадник на крајбрежната служба, јави дописничката на МИА од Атина.

Во Атика, најпогодени се западните и јужните предградија и населби, а од бројот 112 за итни случаи беше испратена порака до жителите на две предградија да се евакуираат поради излевање на потокот што е во близина.

Противпожарната служба на Грција примила десетици повици за помош, меѓу кои и за спасување лица заглавени во нивните автомобили на поплавените улици.

Во прекин е сообраќајот на булевари што се поплавија, а проблеми има и во сообраќајот на трамвајот во Атина и на метро линијата со електричниот воз, поради поплава на шините.

Паралелно, надојдена е водата и на двете реки во Атина.

Во текот на денешниот ден невреме со силен ветер и обилни дождови имаше и во повеќе делови на Грција.

Во градот Астрос на Пелопонез, животот го загуби припадник на крајбрежната служба на Грција додека на пристаништето ја проверувал ситуацијата заедно со негови колеги, а додека се обидувал да врзе чамец, поради силниот ветер и брановите паднал во морето заедно со други лица кои биле во близина.

За невремето, од бројот 112 за итни случаи синоќа беа испратени пораки до жителите на пет региони да ги ограничат нивните движења, додека пак утрово иста порака добија и сите оние што се во областа Атика, поширокиот регион на Атина.

- Поради интензивни временски појави што се очекуваат во периферијата, Атика од пладне до доцна навечер во среда, ограничете ги вашите движења само на апсолутно неопходните. Следете ги упатствата на надлежните органи, пишува во пораката од бројот 112.

Поради силниот ветер, бродовите и траектите останаа закотвени на трите пристаништа во Атина, по издадената забрана за пловидба, а затворени беа и сите училишта во областа Атика. ср/вг/

Фото: МИА

Остани поврзан