• четврток, 12 февруари 2026

Силниот ветер во Дебар создаде повеќе проблеми 

Силниот ветер во Дебар создаде повеќе проблеми 

Дебар, 21 јануари 2026 (МИА) - Силниот ветер што од вчера го зафати Дебар предизвика пожари, прекин на уличното осветлување во неколку населби, а  падна и дрво - бор во дворот на гимназијата.

- Едниот пожар е на градската депонија, вториот во стан во станбена зграда предизвикан од спој во електрична инсталација, третиот е пожар во куќа, од запален оџак. Исто така, интервениравме и во отстранување на паднато големо дрво кај гимназијата. Има паднати  гранки од дрвја и низ градот, информираше за МИА, Џетан Мифтароски, командир на Територијалната противпожарна единица.

Според него, освен материјална штета, за среќа, нема повредени.

Од почетокот на годинава до денеска единицата регистрирала 10 интервенции, главно пожари од неисчистени оџаци.

Во надминување на проблемот со уличното осветлување, како што информираа од општината, во текот на ноќта интервенирала фирмата задолжена за тоа. 

Поради силниот ветер зачестени се и помали одрони од камен на патиштата во дебарскиот регион, кои ги расчистуваат екипи од секцијата на „Македонија пат“. Оттаму апелираат на внимателно возење и строго почитување на сообраќајните правила и прописи, поради замрзнатите коловози. вт/вј/

Фото: ТППЕ Дебар

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан