• недела, 24 ноември 2024

Силите на Хафтар напредуваат кон Мисрата

Силите на Хафтар напредуваат кон Мисрата
Триполи, 27 јануари 2020 (МИА) - Претставници на двете ривалски влади во Либија соопштија дека вчера избија нови судири и оти силите на генерал Халиф Хафтар напредуваат кон Мисрата. Со тоа дополнително е загрозен договорот помеѓу двете страни за примирје, што претходно беше постигнато со посредство на Русија и Турција. Судирите избија неколку часа откако Обединетите нации ги осудија „континуирано тешките кршења“ на ембаргото за испорака на оружје на завојуваните страни во Либија. Но, ОН не ги именува земјите што го кршат примирјето. Кршењето на ембаргото е во спротивност со ветувањата на големите сили дека ќе ја почитуваат забраната за испорака на оружје, дадено на минатонеделната конференција за Либија во Берлин. Според Владата во Триполи, единиците на Хафтар напредувале околу 120 километри источно од Мисрата и се во близина на градот Абугрејн. Мисрата е втор град по големина во Либија и е од голема важност за одбраната на Триполи од офанзивата на Хафтар, што почна во април минатата година. Либија е деветта земја во светот и прва во Африка по резервите на нафта. Земјата по соборувањето на Моамер ел Гадафи во 2011 година е поделена помеѓу ривалските страни кои се борат за превласт. Но, нивните судири се интензивираа во април минатата година кога Хафтар презеде голема офанзива врз Триполи, но меѓународно признаената влада возврати и настана пат позиција. Меѓународно признаената Влада на Фајез ал Сараџ, со седиште во Триполи контролира помал дел од државата. Додека генерал Хафтар, чие седиште е во Тобрук, контролира поголем дел од земјата и поголем број нафтени полиња. Ситуацијата во земјата дополнително се комплицира со финансиска, дипломатска и воена помош од странски сили за спротивставените страни. Турција, која ја поддржува Владата во Триполи веќе испрати војници во Либија. Владата во Триполи ја поддржуваат и Катар, САД и Италија. Хафтар има помош од Русија, Египет, Обединети Арапски Емирати, Јордан, Саудиска Арабија и Франција. ми/

Остани поврзан