• недела, 24 ноември 2024

Силите за специјални операции на Северна Македонија на воената вежба „ОРИОН-24“ во Грција

Силите за специјални операции на Северна Македонија на воената вежба „ОРИОН-24“ во Грција

Атина, 12 септември 2024 (МИА) – Оперативните способности на копно, во вода и воздух, во неколку конкретни и сложени сценарија, ги покажаа припадниците на силите за специјални операции од 12 држави, меѓу кои и припадниците од баталјонот на специјалните сили Волци од нашата земја, во рамките на меѓународната воена вежба „ОРИОН-24“ што се одржува во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Во меѓународната вежба „ОРИОН 24“ на специјалните сили – учествуваат специјалци од Северна Македонија, САД, Франција, Романија Италија, Кипар, Бугарија, Австрија, Полска, Египет, домаќинот Грција и Хрватска во улога на набљудувач, а на Денот за високи гости и претставници на медиуми, на кој присуствуваше и МИА, беа прикажани способностите на специјалците во 17 различни сценарија.

Меѓу впечатливите сценарија беа подводно навлегување за обезбедување на мал остров и евакуација преку воздух на шестмина припадници на специјален тим со употреба на SPIES, односно специјалниот систем за извлекување од хеликоптер со помош на јаже од област во која не е изводливо слетување на копно.

Дополнително, специјалните сили ослободуваа бродови и чамци, евакуираа брод со влез во хеликоптер од типот CH-47D, пренесуваа информации со помош на дрон итн.

На денешниот ден за високите гости, вежбата заврши со падобранци, кои ги носеа знамињата на земјите учеснички.

„ОРИОН 24“ започна на 2 септември и завршува утре, учествуваат 1.120 специјалци, од кои околу 1.000 се од Грција, кои во изминатите десет дена учествуваа во дневните и ноќните вежби во поширокиот дел на областа Атика, а целта е специјалните сили – силите за специјални операции да разменат искуства, да ги покажат оперативните способности и капацитети, но и да се промовира соработката и меѓуоперативноста на учесниците, поттикнувајќи регионална стабилност.

Денеска, на околу 50 километри од Атина се одржа Денот за високи гости, односно меѓународната воена вежба беше отворена за новинари и амбасадори, а ја следеа и заменик-министерот за одбрана на Грција, Јанис Кефалојанис, началникот на Генералштабот на грчката армија Димитрис Хупис, амбасадорите во Грција на земјите учеснички во вежбата, меѓу кои и амбасадорката на нашата земја Лидија Бошковска, која воедно ги поздрави и им честиташе на припадниците од баталјонот на специјалните сили Волци.

За македонските специјалци ова беше второ учество во конкретната воена вежба, со оглед на тоа што во мај 2023 година беа дел од вежбата „ОРИОН-23“.

Конкретната воена вежба првпат беше одржана во Грција во 2018 година, тогаш само на национално ниво, а од 2020 година веќе има меѓународен карактер со учество на сојузнички и пријателски земји.

„ОРИОН-23“ се одржа од 24 април до 5 мај 2023 година. Тоа за нашата земја беше прво учество на ОРИОН, а освен Северна Македонија и домаќинот Грција, дел од вежбата беа и припадниците на специјалните сили на Кипар, Австрија, Бугарија, Франција, САД, Црна Гора и Србија. ср/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан