• четврток, 26 декември 2024

Сивата економија и наоѓањето соодветен кадар остануваат предизвик за е-трговијата

Сивата економија и наоѓањето соодветен кадар остануваат предизвик за е-трговијата

Скопје, 11 ноември 2022 (МИА) - Сивата економија во е-трговијата, наоѓањето соодветен кадар, како и одржувањето на нивото на цените како претходните години и намалената побарувачка, се најголемите предизвици со кои се соочуваат е-трговците. Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија Нина Ангеловска пред почетокот на петтото издание на конференцијата за е-трговија што се одржува под мотото „E-commerce: Accelerate!” изјави дека сивата економија останува предизвик за е-трговците и дека најчесто таа се манифестира преку нарачки на „Фејсбук“ и „Инстаграм“ за кои купувачите не добиваат фискална сметка, а институциите имаат слаби капацитети за ова да го следат и регулираат. - Кога станува збор за имплементација и градење капацитети секогаш ни оди да речам доста бавно. Во однос на бројките, сивата економија и на глобално ниво, колку е тешка да се сузбие, толку е тешка и да се измери. Генералните бројки за целокупната сива економија во државата знаеме дека се доста загрижувачки, тука се вклучува и сивата економија на пазарот на труд и сивата економија во промет и во сите области, рече Ангеловска, додавајќи дека купувачите мора да се свесни дека никој не ги штити ако самите не се заштитат и да знаат од каде купуваат. Во однос на денешната конференција, Ангеловска нагласи дека ова е најголемото издание досега на кое има над 600 учесници. - Секоја година посветуваме внимание на квалитетна содржина и агенда или програма којашто е скроена согласно потребите на пазарот. Оваа година, темата е „E-commerce: Accelerate!”, бидејќи од годишната анализа што ја изработува Асоцијацијата за е-трговија, Северна Македонија и земјите од регионот бележат прогрес. - Нормално дека пандемијата поттикна значајно забрзување на тој раст, меѓутоа прашањето е дали е тоа доволно. Одговорот согласно податоците кои ги гледаме е дека темпото на развој не е доволно, односно неопходно ни е забрзување, рече Ангеловска. Целта, како што нагласи, е да успееме да го забрзаме развојот и да се доближиме до развиените европски земји, бидјеќи во моментот, како што информира, на речиси сите графици согласно сите релевантни индикатори за е-трговија, државава и земјите од регионот се речиси на дното. - На врвот сме само кога се работи за некои активности на интернет, како телефонирање, видео повици, користење на социјални медиуми. Анализата има интересни сознанија и факти каков е македонскиот купувач, што купува, каков е потенцијалот за развој, а денеска на конференцијата ќе зборуваме за тоа како бизнисите поттикнуваат менување на навиките на потрошувачите. Ќе разгледаме каква е ситуацијата во регионот и имаме четири главни траки кои вклучуваат испорачување на презентации и споделување искуство од 32 говорници кои доаѓаат од десет земји меѓу кои и претставници од „Гугл“ и од Тик-ток“, заклучи Ангеловска. сх/мс/

Остани поврзан