• недела, 13 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Сибиха: Дојдов во НАТО за да разговарам за праведен, траен и сеопфатен мир 

Сибиха: Дојдов во НАТО за да разговарам за праведен, траен и сеопфатен мир 

Брисел, 3 април 2025 (МИА) – Украина ја покажа својата подготвеност за постигнување мир, но такво нешто нема од страна на Русија, изјави шефот на украинската дипломатија Андриј Сибиха пред вечерашното заседание на Советот НАТО-Украина во рамки на состанокот на министрите за надворешни работи на Алијанската во Брисел. 

- Дојдов во седиштето на НАТО за да разговарам за мир – праведен, траен и сеопфатен мир. Како да го постигнеме и како да го одржиме?, истакна Сибиха, придружуван од генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. 

Сибиха потсети дека Украина го прифати предлогот на САД, кој се уште е на маса, за прогласување целосен 30-дневен прекин на огнот, без никакви предуслови, додека од друга страна рускиот претседател Владимир Путин говори за барања и услови. 

- Русија мора сериозно да го сфати мирот. Затоа, време е да се засили притисокот врз Москва. Сега е време за дипломатија, но и за притисок. Додека вниманието на медиумите е насочено на глобалната трговска војна, во тек е вистинска војна во Европа, рече Сибиха. 

Според него, Русија останува егзистенцијална закана за Европа и секој еден изминат ден за Украина значи руски закани, бомби, дронови и постојани ракетни напади, поради што украинската страна очекува силен одговор. 

Тој додаде дека Украина троши 26 проценти од својот буџет за одбраната и заедно со нејзината одбранбена индустрија, земјата е 50 отсто самодоволна, со што таа станува „бранител на мирот и евроатлантската сигурност“ и не е само држава што бара заштита. 

- Осумстотини илјади украински војници ја бранат Украина, но исто така ја бранат и Европа. Тие мора да бидат добро вооружени. Мирот мора да биде добро вооружен, истакна Сибиха, додавајќи дека ако НАТО и Европа погледнат кон Исток, во Украина ќе видат силен сојузник. 

Според него, Русија вложува се повеќе средства во својата воена машинерија и затоа треба да се преземат мерки за се запре Москва, како во Украина, така и да не претставува закана за другите. 

- За нас силни и трајни гаранции за Украина се директно поврзани со тековниот мировен процес и напори, бидејќи без нив Русија повторно ќе нападне, потенцира Сибиха, додавајќи дека ова е историски и клучен момент за иднината на Украина и Европа, кој бара сила, посветеност и единство. 

Руте од своја страна истакна дека секој постигнат мир во Украина мора да е траен и одржлив, затоа што тоа не е регионална војна, туку глобален конфликт во кој Русија соработува со Северна Кореја, Кина и Иран. 

- Мораме да бидеме апсолутно јасни, тој се случува во Украина, но тој е навистина глобален конфликт, истакна Руте, додавајќи дека НАТО ќе продолжи да ја поддржува Украина со цел максимално да се зголемат нејзините воени ефекасност. сп/ 

Фото: ЕПА 

Остани поврзан