• среда, 25 декември 2024

СЗО ја одобри втората вакцина против денга

СЗО ја одобри втората вакцина против денга

Женева, 15 мај 2024 (МИА) - Светската здравствена организација (СЗО) денеска ја одобри втората вакцина против денга, која може да обезбеди заштита за милиони луѓе во ризик ширум светот.

Во своето денешно соопштение, СЗО соопшти дека ја одобрила вакцината против денга на јапонската фармацевтска компанија „Такеда“ и препорачува нејзина употреба кај деца на возраст меѓу шест и 16 години кои живеат во региони со висока стапка на денга.

Во 2022 година, истата вакцина беше одобрена од Европската агенција за лекови. Одобрувањето на СЗО сега значи дека донаторите и другите агенции на ОН можат да ја купат вакцината за посиромашните земји.

Истражувањата покажаа дека вакцината на „Такеда“ е околу 84 отсто ефикасна во спречување на хоспитализација на лица со денга и околу 61 отсто ефикасна во запирање на симптомите на болеста.

Првата вакцина одобрена од СЗО ја направи „Санофи Пастер“, за која подоцна беше откриено дека го зголемува ризикот од тешка денга кај луѓето кои претходно не биле заразени со оваа болест.

Директорот на СЗО за одобрување лекови и вакцини, Рожерио Гаспар, рече дека тоа е „важен чекор во проширувањето на глобалниот пристап до вакцините против денга“.

Не постои специфичен третман за денга, која е пријавена во приближно 120 земји во Латинска Америка и Азија. Додека околу 80 проценти од инфекциите се благи, тешките случаи на денга може да доведат до внатрешно крварење, откажување на органите и смрт. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан