• среда, 27 ноември 2024

СЗО се надева дека ќе ја продолжи соработката со САД

СЗО се надева дека ќе ја продолжи соработката со САД
Женева, 1 јуни 2020 (МИА) - Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус денеска изрази желба да продолжи соработката со САД, и покрај најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ги прекинува врските со оваа агенција на ОН. - Придонесот и дарежливоста на Владата на САД и граѓаните во светското здравство се огромни со децении и дадоа големи придобивки за јавното здравство ширум светот . СЗО сака оваа соработка да продолжи, рече Гребрејесус на виртуелната прес-конференција. Трамп во екот на пандемијата на коронавирусот го прекина финансирањето на СЗО, која ја обвинува за попустливост кон Кина, а во петокот најави дека САД ги прекинуваат врските со оваа агенција на ОН. - САД ќе ги пренасочат средствата кон други итни и глобални потреби на јавното здравство кои го заслужуваат тоа, рече Трамп. Здравствената агенција на ОН, СЗО, е мултилатерална институција основана во 1948 година. Работата и мисиите на оваа огромна машинерија со 7.000 вработени, кои се присутни низ целиот свет, зависат од финансирањето на земјите членки и од приватни донации. Со 893 милиони долари за периодот 2018/2019 година САД се главен донатор кој обезбедува 15 проценти од буџетот на СЗО, пред фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс, Велика Британија и Германија и далеку пред Кина која дава 86 милиони. Американските донации претежно одат во Африка и на Блискиот исток. Околу една третина од парите одат во борба против вонредни состојби во здравство, а остатокот е наменет пред се за програми за искоренување на детска парализа, подобрување на пристапот до здравствени услуги и спречување и борба против епидемии. јт/

Тагови

Остани поврзан