• среда, 25 декември 2024

СЗО: На Африка ќе и недостигаат околу 500 милиони вакцини

СЗО: На Африка ќе и недостигаат околу 500 милиони вакцини
Женева, 16 септември 2021 (МИА) - Механизмот Ковакс ги намали предвидувањата за тоа колку вакцини против Ковид-19 ќе бидат испратени во сиромашните земји, така што на Африка ќе и недостигаат околу 500 милиони дози во споредба со глобалната цел од 40 проценти вакцинирани до крајот на годината, соопшти денеска СЗО. Со оглед на тој дефицит, 470 милиони дози вакцини што се очекуваат на континентот ќе овозможат само 17 проценти од населението да се вакцинира, процени регионалната канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО) за Африка на неделната прес - конференција. „Ќе бидат потребни двојно повеќе вакцини за да се вакцинираат 40 проценти од населението. Недостигот на вакцини се случува во време кога Африка ја надмина границата од осум милиони заразени оваа недела“, посочува СЗО. Матшидисо Моети, директорка за Африка при СЗО, изрази жалење што богатите земји работат на „потиснување на Ковакс системот од пазарот“, оставајќи го механизмот без доволна количина дози. - Големите нееднаквости во пристапот до вакцини нема брзо да се ублажат, рече таа. Во текот на септември, Африка требаше да прими околу 95 милиони дози преку Ковакс, но и покрај продолжувањето на испораките, Африка успеа да вакцинира само 50 милиони луѓе или 3,6 проценти од нејзиното население. паг/

Остани поврзан